Согласно Деловникот за работа на Собранието, дебатата трае најмногу десет работни дена и треба да заврши на 31 август. Пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати но, не повеќе од 30 минути вкупно. Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја носи со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници односно со 80 гласови.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера порача дека двотретинското мнозинство е потребно за продолжување на европските интеграции на државата, а не за опстанок на Владата. Избори, според премиерот, во овој момент не се решение.
„Осумдесет пратеници се потребни за глас за европска Македонија. На Владата ѝ се потребни 61 пратеник за да може полноправно да одлучува и да работи до изборот на следната влада. Двотретинското мнозинство во Собранието за овие уставни измени е императив за секој граѓанин во државата“, рече Ковачевски.
Дебатата во Собранието, според Ковачевски, е добра можност граѓаните да се уверат дека се работи за процес за остварување на втората стратешка цел на државата, а тоа се евроинтеграциите.
Што побрзо го направиме тој процес, вели Ковачевски, толку побргу ќе станеме членка на ЕУ. Повтори дека за прв пат ветото не доаѓа однадвор, туку може да дојде од внатре.
Според него, сите 120 пратеници треба да покажат државничко однесување и да бидат на ниво на задачата за да овозможат подобра иднина за граѓаните.
„Пред нас се храбри и тешки одлуки, сите 120 пратеници треба да покажат државничко однесување, да бидат на ниво на задачата и да донесат одлука со која ќе се овозможи подобра иднина, за идните генерации, за нас, за нашите деца“, напиша синоќа Ковачевски на Фејсбук по средбата со американската амбасадорка Анџела Агелер.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи упати отворено писмо до пратениците во кое порача дека од нивната одлука ќе зависи дали земјата ќе ги продолжи преговорите со ЕУ или ќе ги запре на подолг рок без гаранција за успех.
„Вие ќе одлучувате за европската иднина на Северна Македонија, определба за која работиме и работеа сите Влади во изминатите 30 години. Од Вас ќе зависи дали со прифаќање на промената на Уставот ќе ги продолжиме разговорите по поглавјата за членство во Унијата или ќе запреме во преговорите на подолг рок, до некоја нова шанса, без никаква гаранција за успех, поттикнувајќи го процесот на ‘пасошизација’ на граѓаните кои бараат европска иднина за себе“, истакна Османи.
Toj uверува дека идентитетските и историските прашања не се дел од преговорите.
„Најодговорно тврдам дека историските и идентитетските прашања не се дел од патоказите и одредниците од кои зависи отворањето и затворањето на поглавјата. Со оваа промена на Уставот, ние само ќе ја зајакнеме нашата меѓународна положба и ќе ја зголемиме меѓународната поддршка за нашите цели. Низ преговорите, шансите да продолжиме да ја промовираме и унапредуваме македонската национална посебност, историја и култура ќе бидат значително подобри и зајакнати“, наведува шефот на дипломатијата.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ повторија уставни измени нема да има. Најавија дека ќе учествуваат на пленарната седница, а пред нејзиното одржување, како што вчера изјави лидерот на партијата Христијан Мицкоски, ќе одржат координација.
„Уште при усвојувањето на дневниот ред, мнозинството, односно Владата на СДСМ и ДУИ ќе види дека нема двотретинско мнозинство за да го бутка овој процес. Очекувам дека нема да има дополнителна политичка гимнастика и единствена легитимна тема ќе биде одржување на предвремени парламентарни избори“, изјави Мицкоски.
Според него, дури и да бидат Бугарите дел од Преамбулата и да добиеме гаранции за идентитет, сепак, Протоколот и Билатералниот договор се опасност за дополнителни пречки во иднина, односно дополнително вето, дополнителен идентитетски и историски интервенционизам.
Претседателите на Алтернатива, движењето Беса, и Демократското движење, Африм Гаши, Билал Касами и Изет Меџити вчера, пак, на заедничка прес-конференција побараа итно да се стави на гласање потребата од промена на Уставот и заедно со тоа да се стават и амандманите за, како што рекоа, измена на 20 проценти за албанскиот јазик, како и амандманот против застареност на случаите за политичка корупција.
Доколку на краток рок не се обезбеди потребното мнозинство за гласање на првата фаза од уставните измени, според лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, ќе биде јасно дека овој парламентарен состав нема капацитет да ги деблокира преговорите за ЕУ интеграција и ќе повикаат да се гласа за распуштање на Парламентот и распишување на предвремените избори.
Претседателот на Собранието Талат Џафери во интервју за МИА на почетокот на месецов изјави дека по завршување на претресот, гласањето за потребата за уставни измени може да биде одложено, а ако нема услови, воопшто и да не се случи.
„Седницата на 18-ти август ќе се отвори и ќе се усвои дневниот ред како што е постапката, затоа е потребно присуството од 61 пратеник, а за гласање минимум една третина од вкупниот број. Тоа е општ принцип и секако се отвора дискусија, дебата, се повикува според процедурата да се отвори дебата. Што ќе биде, како ќе биде, не можам да кажам сега оти не можам да предвидам. Но, обврска ми е да имам испланирано десет работни дена да може да работи Собранието доколку има пријавено за збор за толку, значи максимумот за да трае дебатата е десет дена. Десеттиот ден завршува дебатата без оглед дали останале уште говорници или не“, појасни Џафери.
Тој рече и дека доколку нема двотретинско мнозинство, гласањето може да биде одложено, но и дека тоа може и да не се случи, со што постапката за уставни измени завршува.
На 25 јули се одржа седница на собраниската Комисија за уставни прашања на која беа изгласани два заклучоци и тоа за пристапување кон измена на Уставот и за подготвување на нацрт- амандманите за измена на Уставот, доколку биде прифатена потребата за негова измена на седницата на 18 август. Двата заклучоци беа донесени со десет гласа „за“ и со седум гласови „против“.
Интервенциите во Уставот се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата. Во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ. Согласно ова, направена е измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на париретот на претставниците во Парламентот на сите вака утврдени заедници во Преамбулата на Уставот.