Нашиот собир го означува почетокот на процесот за дефинирање на општите политички насоки и приоритети на Унијата за годините што доаѓаат, поставувајќи стратешки курс на дејствување за да ја обликуваме нашата заедничка иднина во корист на сите, се наведува на почетокот од Декларацијата.
„Го повторуваме првобитното ветување на европскиот проект за обезбедување мир, стабилност и просперитет за нашите граѓани, водени од нашите вредности и принципи, основните права, демократијата и владеењето на правото“, се наведува во документот.
Лидерите на ЕУ посочуваат дека проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот и двигател за подобрување на економските и социјалните услови на европските граѓани, за намалување на разликите меѓу земјите и мора да ги поттикнува вредностите на кои е основана Унијата.
„Гледајќи напред кон перспективата за понатамошна проширена Унија, и ЕУ и идните земји-членки треба да бидат подготвени за тоа. Претендентите за членки треба да ги засилат своите реформски напори, особено во областа на владеењето на правото, во согласност со природата на процесот на пристапување заснована на заслуги и со помош на ЕУ. Паралелно, Унијата треба да ги постави потребните внатрешни основи и реформи. Ќе ги поставиме нашите долгорочни амбиции и начините за нивно остварување. Ќе одговориме на клучните прашања поврзани со нашите приоритети и политики, како и со нашиот капацитет да дејствуваме. Ова ќе ја направи ЕУ посилна и ќе го зајакне европскиот суверенитет“, се наведува во Декларацијата од Гранада.
Во документот се посочува дека стратешката агенда договорена во јуни 2019 година беше акциски водич за Унијата, во услови кога ковид – пандемијата и руската агресија врз Украина ја тестираа издржливост на ЕУ, нагласувајќи ја потребата таа да го зајакне својот суверенитет и да донесе значајни одлуки за заштита на нејзините граѓани и економии.
„По нашата средба во Версај, постапивме решително. Загрозени со енергетска уцена, во голема мера ги намаливме нашите зависности и ги диверзифициравме нашите извори. Соочени со затегнати синџири на снабдување и меѓународна конкуренција, ја зајакнавме нашата економска база. Решени да преземеме поголема одговорност за сопствената безбедност и одбрана и да и помогнеме на Украина, ги зајакнавме европските капацитети. Ќе продолжиме да ги поддржуваме Украина и нејзиниот народ онолку долго колку што е потребно. Потврдивме и дека иднината на нашите аспиранти за членство и нивните граѓани е во рамките на Европската Унија“, се наведува во Декларацијата.
Лидерите на ЕУ во документот посочуваат дека сепак, треба да се направи повеќе, па затоа на денешната средба разговарале за клучните приоритети и активности потребни за изградба на силна, динамична, конкурентна и кохезивна Европа во актуелниот променлив свет.
„Надоврзувајќи се на Стратешкиот компас за безбедност и одбрана, ние ќе ја зајакнеме нашата одбранбена подготвеност и ќе инвестираме во способности преку развивање на нашата технолошка и индустриска база. Ќе се фокусираме и на воената мобилност, на отпорноста во вселената и на спротивставувањето на кибер и хибридните закани и манипулациите со странски информации низ Унијата. Руската агресивна војна, исто така, дополнително ја истакна силата на трансатлантските односи“, се додава во текстот.
Во Декларацијата земјите членки на ЕУ ја истакнуваат својата посветеност да работат на зајакнување не европската отпорност и глобална долгорочна конкурентност, со цел Унијата ги обезбеди сите потребни алатки за одржлив и инклузивен раст и глобално лидерство во оваа клучна деценија.
„Ќе се справиме со слабостите и ќе ја зајакнеме нашата подготвеност за кризи, не само во контекст на растечките климатски и еколошки ризици, туку и геополитичките тензии. Ќе ги предвидиме потенцијалните предизвици и ќе ги искористиме можностите за нашата Унија во зелената и дигиталната транзиција, со цел да обезбедиме одржливост на нашиот економски модел, не оставајќи никого зад себе. Ќе се концентрираме особено на ефикасноста на енергијата и ресурсите, циркуларноста, декарбонизацијата, отпорноста на природни катастрофи и прилагодувањето кон климатските промени“, се нагласува во Декларацијата.
Во документот натаму се потенцира посветеноста на изградба на покохезивен и меѓусебно поврзан единствен пазар, зачувувајќи ги неговиот интегритет, социјална димензија и отвореност, обезбедувајќи еднакви услови за игра и намалувајќи го административниот товар особено за малите и средните претпријатија.
„Ќе обезбедиме пристап до прифатлива енергија, ќе го зголемиме нашиот енергетски суверенитет и ќе ги намалиме надворешните зависности во други клучни области каде што ЕУ треба да изгради доволно ниво на капацитет за да ја гарантира својата економска и социјална благосостојба, како што се дигиталните и нето-нула технологии, критичните лекови и суровини, како и одржливо земјоделство. Ќе инвестираме во истражување и образование и во вештините на иднината и ќе се справиме со демографските предизвици. Ќе ја зајакнеме нашата позиција како индустриска, технолошка и комерцијална моќ, ставајќи посебен фокус на области со висока додадена вредност каде што веќе имаме конкурентна предност или можеме да станеме фаворити. Ќе го засилиме ангажманот со партнерите од сите региони во светот за да го заштитиме и подобриме меѓународниот поредок заснован на правила со Обединетите нации во неговото јадро, да внесеме поголема правичност во мултилатералниот систем и да спречиме негова понатамошна фрагментација. Ќе ги мобилизираме и развиваме нашите надворешни акциски инструменти“, се наведува во текстот.
Според лидерите на ЕУ, поважно од кога било досега е соработката за зајакнување и диверзификација на синџирите за снабдување, за поттикнување на партнерства, за склучување трговски и инвестициски договори и за промовирање на одржлив развој, со цел исполнување на целите на Унијата кон нето-нула емисии на штетни гасови и подобраа подготвеноста за здравствени кризи.
Во таа насока, според членките на ЕУ, за остварување на овие заложби потребно е заживување на глобалната трговија, во која фундаментална улога ќе има Светската трговска организација.
„Европскиот совет ќе продолжи со дискусиите за идните приоритети на нашата Унија во наредните месеци пред усвојувањето на Стратешката агенда следната година“, се додава во завршната Декларација од Гранада.