. Пратеничката од СДСМ Јованка Тренечвска инсистираше на дневен ред на оваа трета седница да биде ставен и предог-законот за бранители, а претседателката на комисијата Илире Даути од Европскиот фронт објаснуваше дека тоа сега веќе не е можно согласно ставовите 1 и 2 од членот 176 од Деловникот. Според Даути, седницата на матичното работно тело за закон по скратена постапка се свикува и започнува веднаш, но не подоцна од 24 часа ниту порано од шест часа, а ќе заврши во рок од три дена од започнувањето.
Даути смета дека нема деловнички можности законот да биде ставен на дневен ред, како и дека не може да се гласа по предлогот. Во дискусијата таа се повика и на членот 9 од Уставот и на фактот дека сите граѓани во државата се рамноправни. Побара од Тренчевска веќе да не ја попречува работата на комисијата, чија цел, како што посочи, е да им помогне на граѓаните.
„ Работата на оваа комисија ќе продолжи согласно членот 9 од Уставот и Деловникот“, рече Даути, која уште еднаш ја прекина работата на седницата и најави нејзино презакажување.
Пратеничката Тренчевска барајќи ставање на дневен ред на седницата на предлог-законот за бранители се повика на членот 131 од Деловникот на Собранието, потенцирајќи дека материјалот е во процедура и предлогот треба да се стави на гласање. Објасни дека со законот се опфатени права од социјална заштита за бранителите и нивните семејства.
Пратениците Албанци, членови на комисијата, ги повторија своите ставови дека ваков закон, во којшто не се содржани и правата на припадниците на ОНА, нема да биде поддржан. Оценија дека станува збор за повторна провокација и обид за дестабилизација од страна на опозицијата, како и дека ова се прави само за стекнување политички поени. Како што посочија, Тренчевска како министер во претходната влада на СДСМ можела да предложи ваков закон или тоа да го стори претходната влада, но тоа не било направено.
„ Кога бевте на власт не предложивте ваков закон. Ова е злоупотреба на правото на еден пратеник, ја попречувате работата на комисијата“, рече пратеникот Елми Азири од Алијанса на Албанците.
Пратениците на СДСМ го поднесоа законот во Собранието во јули, а тој беше ставен на дневен ред на седница во септември. Ја мина потребата за негово носење, но не беше ставен на дневен ред на Комисијата за социјална политика во предвидениот рок, а сега веќе за тоа нема можност, според објаснувањето на претседателката Даути.
Дневниот ред на третата седница на Комисијата за социјална политика, демографија и млади не беше усвоен, а на него требаше да се најдат финансискиот план на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување за 2025 година и предлог на одлука за согласност на одлуката за висината на месечниот надомест што го наплатува Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување од пензиските друштва за 2025 година, второ читање.