вторник, 22 октомври 2024

Дамева: Никој не сака да биде претседател на суд, судството се соочува со колапс

Судскиот совет не може да избере претседатели на судови затоа што нема заинтересирани кандидати.  На денешната седница беше констатирано дека на конкурсот објавен во јануари годинава за претседатели на основните судови во Берово, Делчево и Крушево никој не се  пријавил на огласот. За претседател на Вишиот управен суд се пријавила судијката Анита Даниловска но таа денеска го известила Судскиот совет дека ја повлекува кандидатурата затоа што ќе оди во пензија.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева забележа дека покрај недостаток на судии, судовите се соочуваат и со недостаток на кандидатури за претседатели на судови.

„Претпоставувам дека причината е пребукираноста на судиите со судења и тие не можат да прифатат ваква функција. Не знам како ќе ги надминеме овие состојби. На некој од работните состаноци да видиме што ќе првиме иако ние како Судски совет сме пишувале и писма и дописи, сме интервенирале кај надлежните институции. Судството во државата се соочува со колапс, верувајте. Ние формално повторно ќе спроведеме постапка, но се плашам дека пак нема никој да се пријави. Се сведуваме на тоа да делегираме судии од ваму, таму, ама тоа не е решение. Тоа е само колку да фигурира. Се надевам дека со новите акадамеци што ќе излезат некаде во октомври, ноември може малку да избалансираме, ама и тоа ќе биде мал број“, рече Дамева.

Членот на Судскиот совет, Миљазим Мустафа кажа дека ситуацијата е алармантна и дека токму во основните судови во Берово и Крушево веќе со години никој не се пријавува да биде претседател на судот.

Сашко Георгиев од колегите во Советот побара да бидат многу погласни од досега и посочи дека станува збор за помали судови каде што нема судии.

„Сето ова се одразува на работата на поголемите судови. Овој проблем не се решава со делегирање на судии туку крајно време е законодавната власт да ја преиспита судската мрежа односно постоењето на помалите судови. Станува збор за седум, осум судови кои што би требало да се трансформираат во одделенија“, рече Георгиев.

На ова забелешка даде Дамева која кажа дека Судскиот совет секогаш бил гласен, дека има изготвено и усвоено анализи за овој проблем, но дека нивниот глас никој не го слуша.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ