„Според Деловникот претседателот на Собранието е должен интерпелацијата да ја стави на дневен ред на наредната прва пленарна седница во рок од 15 дена од поднесувањето. Меѓутоа, поминаа 15 дена, а претседателот на Собранието, Талат Џафери, не закажа пленарна седница за оваа интерпелација. Тоа ни дава за право да се сомневаме дека има нешто меѓу него и Љубомир Јовески, можеби е поврзано со некоја коруптивна афера, бидејќи претседателот на Собранието го штити јавниот обвинител дури и со кршење на Деловникот на Собранието“, рече пратеничката.
Таа праша со што можеби е уценет Џафери од страна на Јовески или пак некој друг од неговата партија ДУИ.
„Но дека Џафери го брани Јовески, кој во јавноста се гледа како главен виновник за поинакво насочување на судскиот процес за модуларната болница во Тетово, за ова веќе нема сомнение. Доколку не ја стави на дневен ред оваа интерпелација и не се произнесе зошто го крши Деловникот на Собранието, со што му прави директна услуга на Љубомир Јовески, ние имаме право да се сомневаме дека заробената држава е подлабока од Јавното обвинителство. Камбаната бие и за претседателот на Собранието.
И додека сме овде, не можеме а да не истакнеме дека за оваа интерпелација, за жал, ниту пратениците на Алијансата за Албанците, ниту тие од ДУИ, не се изјаснија, дури и по нашиот јавен повик да нè поддржат. Ова освен што ги става во клупата на виновниците, затоа што штитат функционер кој се плаши да се соочи со пратениците кои го гласале, дури и кога неговото име се спомнува за злоупотреба на службената положба, овие пратеници оставаат простор за сомневање дека тие или лидерите на нивните партии се уценувани од материјали на фиоките на Јовески.
Што ги попречува пратениците на ДУИ и Алијансата да ја поддржат интерпелацијата за јавниот обвинител ако на другата страна има 14 жртви изгорени во пожарот, а ниту еден виновник не е во затвор? Со кого се тие, со изгорените жртви или со Јавниот обвинител?
Како и да е, ние ќе продолжиме да ја водиме битката со сите демократски средства, а од денеска јавноста мора точно и правилно да знае дека слуги на Љубомир Јовески во Собранието се Талат Џафери заедно со пратениците на Демократската унија за интеграција и пратениците на Алијансата за Албанците. Тоа се личните имиња кои не дозволуваат да се открие вистината за палењето на 14 пациенти во модуларната болница во Тетово. Нека им служи на чест“, рече Сафие Садики Шаини.