сабота, 19 октомври 2024
Кристина Пота Радуловиќ

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Дали делењето совети e добра идеја?

На сликата на англискиот сликар Џон Гилберт од 1840 година, го гледаме Дон Кихот, кој го советува својот следбеник Санчо Панса. Во просторијата се само тие двајца. Дон Кихот седи потпрен во раскошна фотелја, во опуштена поза, со прекрстени нозе.

Уверен е во своите зборови и со подигнат прст како да го нагласува изговореното.

Санчо Панса седи на табуретка, а положбата на неговото тело остава впечаток дека е во грч. Советите ги прима со стиснати тупаници, како да прима прекор чиј крај едвај го чека. Старата изрека вели дека сликата зборува повеќе од илјада зборови. Од хиерархијата која владее во композицијата на сликата можеме јасно да видиме дека советодавецот зазема централно место на платното, додека оној кој прима совети не само што е во подредена положба, туку е и истиснат од кадарот. Дали оваа слика рефлектира одредени ситуации кои се универзални и актуелни и по повеќе од сто и педесет години?

Дали ви се случило кога се соочувате со некој проблем или проаѓате низ некој кризен период, скоро сите од вашата околина да знаат што треба да се прави во таа ситуација, без вие да ги прашате? Попрецизно, знаат што вие треба да направите и како да постапите. И прилично се дарежливи со предлози, констатации и пред сѐ со совети. Како се чувствувате во таа ситуација? Ситуацијата може да биде и обратна – некој друг има проблем, а ние да сме тие кои без прашање, спремно ускокнуваме со решенија и совети.

Како делењето на совети влијае на релациите помеѓу луѓето?

Делење на совети 

Делењето на совети може да биде проблематично и за оној кој советува и за оној на кого советот му е упатен. За оној кој советува, затоа што може да се соочи со неочекувана реакција на лутина, бес и навреденост. Таа реакција може да покрене ланец на настани кои можат да водат кон заладување на односите и прекин на комуникацијата, а со тоа и прекин на пријателството или емотивната врска. Делење на совети во работното опкружување може да создаде лоша работна атмосфера. Во одредени чувствителни ситуации, делењето совети може да создаде дури и непријатели.

Кога некој добива совети што не ги барал, може да има чувство дека некој го затрпува со непотребни содржини кои за него претставуваат само товар. Може да има чувство дека е под присила и да почне да ја избегнува таа личност.

Отворање и ранливост

Кога луѓето ни се доверуваат и го делат со нас она што ги мачи, почувствителни се и поранливи од вообичаеното. Ризикувале да ни покажат дека се несовршени и дека имаат проблем кој не успеале да го решат. Она што им е најпотребно е нашето слушање и разбирање. Потребна им е наша поддршка. Потребно им е да почувствуваат дека сме тука со нив додека ни зборуваат за нешто што е за нив болно. Понекогаш само тоа и им е потребно за да почувствуваат олеснување, да ја разбистрат свеста и да станат свесни за нешто што до тогаш не го гледале и да продолжат понатаму.

Контакт со себе

Ако ги засипеме со наплив од совети, го прекинуваме нивниот контакт со внатрешните процеси и содржини. Како изгледа тоа? Наместо да се следат себеси, приморани се да го следат она што ние имаме да им го кажеме. Често пати не се во состојба тоа да го испратат поради емотивната состојба во која се наоѓаат, но од куртоазија климаат со глава. Тогаш обично замолчуваат и тука контактот со себе се прекинува. Наскоро се прекинува и разговорот, бидејќи ако некој не може да зборува за она што му е навистина важно во тој момент, разговорот престанува. Престанува така што советуваниот или продолжува да зборува за тривијални работи (на пример, кој што купил и кој кого сретнал) или, ако нема сила за тоа, набргу станува и заминува. Но заминува со чувство дека се обидел нешто да каже и подели, а да немало кој да го чуе, сослуша и поддржи. Тоа може да го доживее како додатно оптоварување на веќе постојната мака.

Промена на дистрибуцијата на моќ

Со советите треба внимателно и поради промената на дистрибуцијата на моќта која неизоставно се јавува помеѓу советодавецот и советуваниот. Имено, од моментот кога ќе отвори уста за да советува, советодавецот влегува во надредена улога во однос на оној на кого тој совет му е упатен. Во случај кога некој отворено ќе побара или праша за совет, таа поделба на улогите е однапред одредена и двете страни се согласни со тоа, додека во случај на непобаран совет, промена на дистрибуцијата на моќта може да биде неприфатлива или навредлива за оној кој добива совети кои не ги барал. Бидејќи невербалната порака која советуваниот притоа може да ја прими, е дека не е доволно способен да ги решава своите проблеми и дека сега некој поспособен ќе му каже што да прави. Токму оваа невербална порака може да биде една од причините за бурни реакции на непобараното советување – побуна против принудувањето на подредена положба и наметнување на содржини кои не се побарани, а многу веројатно се и непотребни.

„Делење“ vs. „давање“совети

На разликата помеѓу побараните и непобараните совети може да упатат и глаголите што луѓето ги користат при изразувањето. Непобараните совети обично се делат („Ене го, дели совети)“, а побараните се даваат („Одам кај стручњак да ми даде совет“). Притоа глаголот „дели“ на некои може да им асоцира на леснотијата на делење на карти при комшиско опуштено картање, а глаголот „дава“ да подразбира одредено вагање, процена и земање предвид на слоевитоста на целата ситуација и контекстот во кој се случува проблемот кој личноста го има. Имено, ниту еден проблем не се случува изолирано, сам од себе и од ништо не предизвикан, туку е дел од една целина, производ на меѓусебното делување на личноста и нејзината околина. Затоа е и важно согледувањето на целиот контекст.

Преземање одговорност

Покрај тоа што доведуваат до промена во дистрибуцијата на моќта, непобараните совети можат да бидат непромислени, неадекватни и на крајот на краиштата штетни. Често повеќе имаат врска со оној што ги дели и неговите потреби, отколку со оној на кого му се упатени. Ако појдеме од претпоставката дека секој најдобро се познава себеси, едно од најлогичните прашања што се наметнуваат е дали тогаш некој друг може да знае што е најдобро за нас? А тука е и прашањето на преземање одговорност – кој ќе ја преземе одговорноста и ќе ги сноси последиците ако работите тргнат по зло откако советуваниот го прифатил советот?

Кристина Пота Радуловиќ

психотерапевт, клинички психолог и гешталт-терапевт

Илустрација: „Дон Кихот му дава совети на Санчо Панса“, сер Џон Гилберт, 1840, од колекцијата на музејот Викторија и Алберт во Лондон

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ