сабота, 2 ноември 2024

Ципрас поднесе оставка како претседател на Сириза

Објавено на

часот

Сподели

Историскиот пораз на Сириза, но пред сѐ личниот „нокаут“ што го доживеа на неодамнешните парламентарни избори, кога во двата круга доби за половина помалку гласови во однос на Неа демократиа на Киријакос Мицотакис, во разочараната партиска база не оставија простор за објаснувања и одложувања со итните мерки што партијата мора да ги преземе за да опстане.

Под притисок на партиското членство, кое бара промени, но и пред народот, кој го виде неговиот последен пораз и преживеа драматична четиригодишна неизвесност, економска криза со меморандуми и доверители „на врат“, затворени банки, мигрантска криза, Ципрас реши да се повлече и иднината да му ја остави на „новиот бран промени во Сириза“. Тој предложи партијата да избере ново раководство, што треба да се направи што поскоро за повторно да биде на чело на државата, нагласувајќи дека тој нема да биде кандидат.

На прес-конференцијата, која ја изненади јавноста исто толку колку и брзата одлука на Ципрас за повлекување, тој нагласи дека на партијата ѝ треба процес на обнова и длабоки промени, „нова Сириза што ќе може да се соочи со предизвиците“, „со сопствена патологија, но и со Неа демократиа, сето тоа во време кога е неопходно да се зачува демократијата бидејќи екстремната десница во Грција повторно ја крена главата“. Истакнувајќи дека „партиската епоха со Ципрас“ е завршена и зборувајќи за новата Сириза, Ципрас призна дека имало грешки, но и дека е горд со фактот што тој бил првиот левичарски премиер во историјата на Грција, првата левичарска партија во Европа што беше на власт во тежок период. Тој потсети дека секој ден бил нова борба со непријателската Европа и со кредиторите, кои, како што рече, „сметаа дека поради ова заслужуваме казна и дека треба да бидеме уценувани, што целата земја добро го почувствува“. Ципрас е горд со фактот дека „малата партија стана јадро на прогресивната фракција, сила на која треба да се смета и која сега треба да ја преземат и да ја водат нова генерација политичари“.

„Има моменти во животот кога треба да се донесат важни одлуки кога се наоѓате во ситуација кога се соочувате со историјата, се браните себеси и се соочувате со оние со кои сте оделе рамо до рамо, со кои сте се бореле, оние што верувале во нас и конечно – во самите себе“, рече Ципрас во емотивниот проштален говор, признавајќи дека премерувал и размислувал неколку дена и конечно донел одлука знаејќи дека неговите одлуки ги засегнуваат и другите луѓе, дека „го надминуваат опсегот на неговиот личен хоризонт“.

Тоа беше партиско патување, рече Ципрас, на кое тргнал како млад човек на 34-годишна возраст, кога се приклучил во Сириза, патување полно со замки, пречки и неизвесности низ кои членството помина заедно и низ кое една мала левичарска партија стана јадро на прогресивните идеи во Грција.

„Во секој случај, тоа беше патување што остави белег во историјата… Битките, успесите и грешките што ги направивме, неуспесите што ги доживеавме ги претставуваат вредностите и наследството што треба да го поткрепи новиот циклус за Сириза, кој, можеби, почна токму со изборниот пораз. Во секој случај, треба да почне новата епоха на Сириза“, заклучи Ципрас во последното обраќање како лидер на партијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ