„За гаснење на пожарот во атарот на село Тажево и повеќенаменското подрачје Јасен, Општина Македонски Брод се дејствуваше во текот на вчерашниот ден на неколку преостанати краци од пожарот со 23 лица од единицата ЕБР со сопствени моторни возила и три пожарникари од ТППЕ – Македонски Брод и 10 вработени во Јасен. Во попладневните часови во негово гаснење интервенираше и еден хеликоптер на Армијата. Пожарот кај село Плаќе на Илинска Планина каде што беше опожарена рудина и сува трева зафаќаше предел од три општини (Охрид – Ресен – Демир Хисар). Пожарот е под контрола, но на места од ветерот што дува повторно избувна пламен. На терен, сѐ уште се врши проверка и обиколка и пожаро се држи под контрола од четворица вработени во Национални шуми, подружница Галичица“, информираа од ЦУК.
На пожарот на Илинска Планина, што започна завчера во утринските часови се интервенирало во текот на целиот ден, а вчера напладне била добиена информација од терен од вработените на Национални шуми подружница Бигла од Демир Хисар дека во утринските часови пожарот е ставен под контрола односно истиот е изгаснат и на одредени места се гледа слаб чад.
„Екипата од ТППЕ Демир Хисар во 11:30 часот била повлечена од терен. На терен останале 12 вработени во Бигла кои го контролирале опожареното подрачје до 19 часот. Во текот на денешниот ден екипа од Бигла повторно ќе изврши контрола на терен за да не дојде до повторно активирање односно препалување на пожаарот. Пожарот на потегот од село Хаџи Хамзали кон село Црешка е сѐ уште активен и покрај тоа што на него е интервенирано со воздухоплови во неколку наврати. На истиот е интервенирано 7 пати од воздух со два воздухоплови. Пожарот е активен и поголем дел од него се наоѓа на територијата на армискиот полигон Криволак. Екипите синоќа се повлечени, а од утрово се повторно на терен“, велат од ЦУК.
Вчера во 15:22 часот избувнал пожар во атар на село Татомир, Општина Кратово. Во гаснењето на пожарот интервенирале 9 пожарникари со 2 цистерни, екипа од Јавно комунално претпријатие од Кратово и месното население. Пожарот е сеѐуште активен.
Во последното деноноќие се изгаснати 19 пожари на отворено и тоа во општините, Струмица, Старо Нагоричане, Куманово, Ново Село, Сарај, Бутел, Илинден, Арачиново, Демир Хисар, Прилеп, Крушево, Охрид, Желино, Тетово, Гостивар, Кочани и Делчево.