сабота, 26 октомври 2024

Чешкиот претседател: Русија ѝ нуди на Украина диктати, а не мировни предлози

Претседателот на Чешката Република, Петр Павел, оцени дека во моментов не е можно да се преговара за мир во Украина бидејќи Русија сѐ уште верува дека може да ги постигне своите цели, не е заинтересирана за компромиси и дава предлози што претставуваат диктат.

Објавено на

часот

Сподели

„Не може да се преговара за компромис во ситуација кога Русија очигледно верува дека може да ги постигне своите цели и нема интерес да преговара. Затоа што сето она што Русија досега го презентираше како предлог за преговори, всушност беше диктат. Русија предлага своја листа на услови, кои, како агресор, воопшто не би имала право да ги дава“, изјави Павел во интервју за онлајн-дневникот Актуалне.

Чешкиот претседател, пензиониран генерал и поранешен шеф на Воениот комитет на НАТО, оцени дека војната во Украина може да трае додека една од страните не биде поразена или и двете не дојдат до заклучок дека повеќе не се во состојба да ги постигнат своите цели.

„Она што ние го правиме е поддршка на Украина во нејзината цел за целосно обновување на суверенитетот. Но реално сме свесни дека тоа не е можно на краток рок. Сепак, она што е можно е Русија да не може да ги постигне своите цели и да сфати дека војната не води никаде“, рече Павел.

Чешкиот претседател рече дека актуелната војна веројатно би завршила кога Западот би престанал да ѝ испраќа помош на Украина.

„Војната веројатно ќе престане. Тоа би завршило со големо страдање на Украинците, големи материјални штети и сосема поинаку отколку што ние би сакале. Русија би ја зајакнала својата свест дека резултатите може да се постигнат со сила и би ги инспирирала другите земји што се водени од принципите на авторитаризам наместо на соработка и еднаквост. А со тоа би имале големи проблеми“, изјави чешкиот претседател.

Во интервју за чешкиот весник Павел направи паралела со Минхенскиот договор од 1938 година, кога големите европски сили му дадоа благослов на Хитлер да ја распарчи и окупира тогашната Чехословачка со надеж дека ќе се задоволи со тоа, дека нема да оди понатаму и дека ќе биде избегната Втората светска војна.

„Од многумина слушаме што ни е гајле за Украинците, ајде да се грижиме за нашиот народ. Денес, ако ја собереме целата помош дадена за Украина, таа претставува помалку од половина процент од БДП на одделни земји. Кога би сфатиле дека помагањето на Украина не е фрлање пари во црна дупка, туку дека тоа е инвестиција во нашата иднина, нашата безбедност би гледала поинаку“, рече Павел.

Чешкиот претседател предупреди дека оваа помош е „само финансиски товар“ за Западот.

„Украина таму крвави. Ако дозволиме да искрвави, ќе треба да трошиме многу повеќе пари во иднина за да живееме безбедно отколку сега кога ѝ помагаме на Украина. И ќе ѝ помагаме“, изјави Павел.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ