Опусот на овој наш романсиер е импресивен: 24 романи, книги со раскази и записи, филмски сценарија. И 23 позначајни награди ја красат книжевната и културна биографија на овој наш творец чии дела се преведени на многу јазици.
Како ретко кога откога сте во Австралија зимата ја поминувате во Македонија. На што се должи оваа ваша одлука – случувањата во татковината и поривот да се биде тука, да се помогне или…?
– И во други години долетував во родната земја среде зима. 43 пати во овие 35 години од мојот аџилак. Таква ми беше судбината, истовремено да живеам и работам во двете свои татковини. Но овојпат решив во својот дом во Скопје да си поседам малку подолго. Можеби се работи за некаков инстинкт. Да бидам на вистинско место во драматично време. Та нели пишувам дела на актуелни теми?
Внимателно ги следам промените што им влеваат страв на граѓаните. Жал ми е што нашата држава доживеа толку големо осиромашување. Тоа е многу лош знак. Далеку сме од идеалот за самоодржливо постоење.
Редовно ги анализирате политичките случувања во Македонија. Како денес ги оценувате состојбите?
– Никогаш не ја заборавив болната изјава на Арбен Џафери дадена во интервју за бугарски „Стандард” во 2000 година. Замислете, иако му беше коалициски партнер на Љубчо Георгиевски во владата, тој изјави: ‘Македонија е последното нераспределено парче од Југославија’. Не знам ни зошто оваа изјава на харизматичниот политичар толку долго ме вознемирува. Дали затоа што сум убеден дека една голема етничка заедница Македонија ја доживува како привремена творба, дали затоа што Македонците живеат со нереални соништа за својата иднина, навистина не знам. Но со апсолутна убеденост верувам дека НАТО, чија членка сме и ние, нема да се меша при евентуално легално политичко движење наречено ‘Самоопределување’ кое би ја довело во прашање унитарноста на државата.
Како би го квалификувале однесувањето на двете земји членки на ЕУ, наши соседи, во однос на нејзиното постоење и реакцијата на Брисел во однос на тоа?
– Да се разбереме, тие се Европа. Обединета. Нашите политичари ги мамат граѓаните кога тврдат дека имаме реална поддршка од некого во споровите со тие наши соседи. Таа поддршка е куртоазна. Европската Унија си е Европска Унија, без разлика со кого се граничи. За многу кусо време тоа ќе бидат граници на Шенген зоната.
И случајов со уставните измени јасно потврдува дека проблемот не е кај нив, туку кај нас. Преговараш за влез во тој сојуз, кој ти е виновен што на преговарачката маса испраќаш копуци, зелкари, бескарактерни луѓе? Ние имаме загрижувачки слаби, лабилни и алчни политичари кои не умеат да преговараат. Го продаваат тоа што не е нивно, потоа сите вадиме костени од жарта.
Би го смениле ли Уставот како услов за европскиот пат на Македонија?
– Се плашам дека и тоа ќе се случи. Во услови кога постојано ќе бараме нови заеми од ЕУ за да опстанеме, во услови кога Албанците не искажуваат солидарност, не ми се верува дека ќе биде поинаку.
Што треба државата да направи за културата, уметноста, науката?
– За мене и моите дела не треба да направи баш ништо. Благодарејќи им на своите читатели, во самостојна Македонија не сум побарал финансиска помош за публикување на моите романи. Но, државата треба сериозно да се загрижи затоа што ги урна и разурна културните, уметничките и научните стандарди со мака изградени во некогашната федерација. Секој ќе ви потврди дека тогашните наши власти многу подобро се грижеа за нашата уметност и наука.
Не знам кого залажуваме кога издаваме книги во две мали пакетчиња од по 50 примероци, едно за Министерството за култура, друго за издавачот и кутриот автор. Каде е тука повратната информација за вредноста на делото, кому му е наменето тоа? Велиме, Блаже Конески е нашата духовна икона, но делото му го издаваме во 150 примероци. Кого залажуваме? Себе или светот? Културните стандарди до кои многу држи развиена Европа подразбираат квалитетна рецепција на уметничките и научните дела.
Како овие состојби во земјата се одразуваат во дијаспората?
– Без разлика што се откорнати од родната земја, некои ја боледуваат оваа стагнација што трае предолго, други пак велат дека се спасиле кога заминале. Исто како и овде, постојат луѓе болни за Македонија и луѓе болни од Македонија. Што се однесува пак до најмладите, нивна татковина е дијаспората (Америка, Канада, Австралија, Нов Зеланд, Шведска, Германија…). Како што некогаш се претопувале во Србија, Бугарија и Грција, така и во овие нови земји. Ние ги изгубивме новите генерации потомци на нашите иселеници.
Каде би ги категоризирале случувањата во Друштвото на писателите на Македонија?
– Тоа наше друштво е врсник со македонската република. Несфатливо е токму сега, кога соседите велат дека во Македонија се создаваат одлични романи и поезија, значи рамноправно сме позиционирани на балканската книжевна мапа, да се западне во толку голема криза. Се надевам дека разумот ќе превагне и ќе се создадат услови за излез од кризата. Од 1962 година сум член на тоа друштво, не помнам толку бесмислена криза. Не станува збор за естетски судири, ниту за еснавски социјални недоразбирања. За жалење се тие нарциси што го креираа ова.
За последните ваши два-три романи велевте дека е последен. Сега велите дека сте при крај со најновиот роман. Koja e сега темата?
– Не сум баш при крај. Јас своите ракописи ги преработувам и бдеам над нив додека не почувствувам мирис на добра проза. Ова што сега го пишувам има работен наслов „Чудесии”. Би сакал да го завршам годинава, не знам дали ќе успеам.
Александар Дамовски
Фото: Роберт Атанасовски