вторник, 26 ноември 2024
Ја повлече кандидатурата за премиер

Борисов: Не сакам повеќе да се занимавам со Бугарија

Лидерот на централно-десничарската бугарска партија ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов денеска ја повлече својата кандидатура за премиерската функција на Бугарија и одлучи да го врати мандатот за формирање влада.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Не сакам повеќе да се занимавам со оваа земја. Ќе го вратам мандатот штом ќе го добијам“, изјави Борисов на прес-конференцијата, пренесува Новините.

Тој на брифинг во седиштето на партијата ја повика ПП-ДБ да соопшти кој е нивниот кандидат за премиер со еквидистанца.

„Говорат за премиер со политика на еквидистанца. Кажете го тоа име, јас сакам да се натпреварувам со него. Зошто не го ставија името на маса? Но никој не кажува кој е“, нагласи Борисов.

Борисов рече дека му олеснало што се повлекол од „актуелната ситуација на хаос, наследена од раководството на ПП-ДБ“.

Борисов ја донесе одлуката по неуспешните коалициски преговори по парламентарните избори во октомври, на кои ГЕРБ освои најмногу гласови, но без доволно мнозинство за самостојно да формира влада.

Минатата недела Борисов ѝ понуди на коалицијата „Продолжуваме со промени – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) поддршка за кандидатурата на Атанас Атанасов за претседател на Собранието, под услов да формираат заедничка влада со него како премиер, но предлогот беше одбиен.

ПП-ДБ е против кандидатурата на Борисов, а партијата побара од ГЕРБ и да се обврзе да не коалицира со партијата на Делјан Певски, ДПС-Нов почеток, која е под санкции поради корупција.

Парламентот сѐ уште е блокиран, а пропаднаа и обидите за избор на претседател на парламентот.

На утрешната собраниска седница повторно треба да помине предлогот за кандидатурата на Раја Назарјан за претседател на Народното собрание.

Октомвриските избори беа седми предвремени парламентарни избори во Бугарија во последните три години. ГЕРБ освои 69 мандати, ПП-ДБ 37, а Преродба 35.

За да формира мнозинска влада, ГЕРБ ќе мора да обезбеди поддршка од најмалку два коалициски партнери.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ