Блинкен, во интервју за РФИ, рече дека САД ја поддржале иницијативата на западноафриканските лидери да одржат самит во четврток на кој ќе се разговара за ситуацијата во Нигер.
Блинкен одби да коментира за можното повлекување на американските војници од Нигер, објави Ројтерс.
Водачите на воената хунта во Нигер одбија да дозволат заменик-државниот секретар на САД Викторија Нуланд да се сретне со соборениот претседател на државата Мохамед Базум и ги отфрлија нејзините повици за обновување на демократијата по воениот удар минатиот месец.
Нуланд ги опиша разговорите во нигериската престолнина Нијамеј, со водачите на воената хунта во понеделникот како „искрени и тешки“, бидејќи бунтовничките команданти повторно одбија да потклекнат пред меѓународниот притисок да се повлечат.
Одбранбените претставници на Економската заедница на западноафриканските држави ЕКОВАС се согласија за можен план за воена акција против Нигер доколку Базум не биде ослободен и вратен на власт до крајниот рок што истече во недела.
Портпаролот на ЕКОВАС, Емос Лунгу, во понеделникот изјави дека блокот ќе одржи итен самит на кој ќе разговара за Нигер во четврток во седиштето на организацијата во Абуџа. Базум ја повика меѓународната заедница да помогне во „обновувањето на уставниот поредок“. Тој беше избран на демократски начин пред две години и на Запад се смета за клучен сојузник во борбата против исламистичките екстремисти во регионот.