Телевизијата објави дека првпат дознала за тужбата во мај, но дека во четвртокот ѝ биле изнесени нови обвинувања од поинаков карактер, за што ги известила „надворешните органи“.
Лондонската Метрополитен полиција соопшти дека била во контакт со Би-би-си, но дека немало формално упатување или обвинение.
„Ќе бараме дополнителни информации пред да одредиме што да правиме понатаму“, се вели во соопштението.
Би-би-си соопшти дека станува збор за „комплексен и брз сплет на околности“ и дека „работи што е можно побрзо на утврдување на фактите за правилно информирање за соодветните следни чекори“.
„Можеме да потврдиме и дека машки член на персоналот е суспендиран“, се вели во соопштението.
Во соопштението се вели дека е „важно овие работи да се решаваат праведно и внимателно“, без да се наведат детали за тврдењата.
Весникот Сан, кој прв ги објави наводите, ја цитираше мајката на момчето дека неименуваниот водител му платил на тинејџерот повеќе од 35.000 фунти за три години за сликите.
Мајката изјавила за весникот дека тинејџерот ги искористил парите за да ја финансира зависноста од кокаин. Семејството му се пожалило на радиодифузерот на 19 мај, но водителот не бил веднаш отстранет од програмата, според Сан, кој вели дека семејството не барало пари за својата приказна.
Секретарката за култура Луси Фрејзер претходно во неделата одржа итни разговори со генералниот директор на радиодифузерот Тим Дејви за наводите, кои таа ги опиша како „длабоко загрижувачки“.
„(Дејви) ме увери дека Би-би-си истражува брзо и деликатно“, напиша таа на Твитер.
„Со оглед на природата на наводите, важно е на Би-би-си сега да му се даде простор да истражи, да ги утврди фактите и да преземе соодветни мерки.“
Би-би-си, кое е финансирано од претплати за лиценцата што ја плаќа секое домаќинство што гледа телевизија, рече дека „сериозно го сфаќа секое обвинување“ и дека има „цврсти внатрешни процеси за проактивно справување со таквите обвинувања“.
„Бевме јасни дека доколку – во кое било време – излезе на виделина или ни биде доставена нова информација, ќе се реагира на соодветен начин и активно ќе се следи“, се заклучува во соопштението.