четврток, 12 декември 2024

Усогласување на законите за здравјето на животните, растенијата и на законот за генетски модифицирани организми, бара ЕК во извештајот за Македонија

Македонија треба да усвои закон за здравје на животните согласно новото европско законодавство, вклучувајќи ја имплементирачката и делегирана регулатива за контрола на болести. Агенцијата за храна и ветеринарство редовно ги ажурира заштитните мерки за увоз и барањата за увоз на живи животни и производи од животинско потекло

Објавено на

часот

Сподели

За мерките за контрола на болести кај животните, има програма за активен и пасивен надзор, но тие допрва треба да се ажурираат според принципите на законот за здравјето на животните на ЕУ.

Ова е оценката на Европската комисија содржана во најновиот Извештај за напредокот на земјава во однос на безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика.

„ Собирањето, верификацијата и анализата на податоците остануваат недоволни. Северна Македонија нема спроведено кампањи за вакцинација против беснило во есента 2023 и пролетта 2024 година, а бројот на собрани примероци од Програмата за надзор е недоволен за да обезбеди веродостојни податоци за откривање на болеста. Националната програма за мониторинг од 2024 година за контрола на остатоци од ветеринарни медицински производи и загадувачи кај живи животни и прехранбени производи од животинско потекло не е целосно усогласена со правото на ЕУ за говеда, овци, кози, свињи, живина, аквакултура, млеко, јајца, дивеч и мед. Донесени се четири подзаконски акти за зоолошка техника. Останува да се подобри капацитетот за усогласување и спроведување на правото на ЕУ за зоотехничките прашања“, наведува ЕК.

За општата безбедност на храната донесени се законски измени, а подготвен е и нов закон за официјални контроли кој допрва треба да се усвои.

„ Агенцијата вршеше редовни контроли на акредитирани лаборатории од областа на ветеринарството и безбедноста на храната и продолжи да ја извршува својата работа согласно стандардите за управување со квалитет во повеќето области. Сепак, пристапот заснован на ризик и принципот на транспарентност треба да важат за сите официјални контролни системи и да бидат соодветно финансирани“, истакнува Комсијата.

За пласирање храна, добиточна храна и нуспроизводи од животинско потекло на пазарот,  Македонија усвои законодавство за спроведување за усогласување со европската легислатива. Подготвителните активности за изградба на фабриката за производство на животински нуспроизводи сè уште не се завршени.

Како што нотира ЕК, за правилата за безбедност на храната, Македонија има подготвено подзаконски акти за додавање витамини и минерали и одредени други супстанции во прехранбените производи.

„ АХВ продолжи со спроведување програма за следење на безбедноста на храната, но податоците треба дополнително да се анализираат. И во однос на добиточната храна, Агенцијата продолжи да спроведува програма за следење на безбедноста. Во областа на фитосанитарната политика, допрва треба да се усвои нов закон за здравје на растенијата, чија цел е усогласување со новото законодавство за здравјето на растенијата на ЕУ, оценува ЕК.

Додава и дека е спроведена програмата за фитосанитарен мониторинг за здравјето на растенијата, како и дека е развиен фитосанитарниот информациски систем.

„ Донесена е подзаконската регулатива за обука од областа на фитофармација, фитомедицина и одржлива употреба на фитофармацевтски производи. Сепак, мерките за одржлива употреба на пестициди не се спроведени. Според Системот за брзо предупредување на ЕУ за храна и добиточна храна (RASFF), земјите-членки на ЕУ известија за наоди на неовластени хемикалии во неколку пратки зеленчук, што укажува дека контролата на пестицидите што се користат во земјата е несоодветна. Сè уште е неопходна значителна работа за да се соберат веродостојни податоци за националната употреба на пестициди и нејзиното влијание врз здравјето на луѓето. Законот за генетски модифицирани организми не е целосно усогласен со правото на ЕУ“, пишува во извештајот на Европската комисија

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ