недела, 27 октомври 2024

Би-би-си: Дали Русија ги игнорирала американските предупредувања за терористички напад?

По секој напад секогаш има прашања зошто тој не бил запрен или спречен. Но нападот во Москва покренува особено тешки прашања за Владимир Путин во време на меѓународни тензии и недоверба. А голем дел од тоа доаѓа поради едно предупредување од Вашингтон, пишува Би-би-си.

Објавено на

часот

Сподели

Предупредувањето од 7 март од САД до нивните сопствени граѓани беше невообичаено конкретно. Во него се зборуваше за извештаи дека „екстремисти“ имаат „неизбежни планови да напаѓаат големи собири во Москва“ и конкретно беа споменати концерти. Им се советуваше на Американците во градот да избегнуваат големи собири во наредните 48 часа.

Тајмингот можеби не се совпаѓа, но другите детали одговараат на настаните на 22 март. Се чини јасно дека Вашингтон имал некакви разузнавачки информации и дека биле поврзани со Исламска држава (ИСИС) – групата што објави соопштение во кое вели дека стои зад нападот во Москва.

Покрај јавното предупредување до сопствените граѓани, САД рекоа и дека директно комуницирале со руската влада.

„Американската влада, исто така, ја сподели оваа информација со руските власти во согласност со својата долгогодишна политика на ‘должност за предупредување’“, се вели во изјавата на американски претставник по нападот.

Постојат канали преку кои се споделуваат разузнавачки информации меѓу земјите – дури и меѓу оние што не се сојузници – особено кога се однесуваат на можни напади врз цивили.

Но проблемот е што Москва ги игнорирала предупредувањата, вели Би-би-си.

Три дена пред нападот, рускиот претседател Владимир Путин се обрати пред шефовите на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), чија задача е да ја брани земјата. Главниот приоритет, им рече тој на собраните лидери на службата за безбедност, е да се поддржи, како што ја нарече, специјалната воена операција – официјална фраза во Русија за инвазијата на Украина.

Тој тврдеше дека Украина се префрлила на, како што рече, „терористичка тактика“. Тој, исто така, директно зборуваше за, како што рече, „провокативни изјави“ од Западот за потенцијални напади во Русија. Тој рече дека предупредувањата „наликуваат на директна уцена и намера да се заплаши и да се дестабилизира нашето општество“.

Тоа сугерира дека недовербата меѓу САД и Русија значи дека Москва можеби не сакала да слуша и наместо тоа, ги сметала предупредувањата за обид да ѝ се пратат закани на Русија, поврзани со украинскиот конфликт.

Сè уште не ја знаеме точната природа на информациите што САД ги поседувале или ги испратиле или колку тие биле јасни, вели Би-би-си. Разузнавачките информации често може да бидат нејасни и да е тешко да се постапи по нив.

Но САД имаат огромна машина за собирање разузнавачки информации и внимателно ја следат ИСИС. Разгранокот осомничен за нападот во Москва беше поврзан и со нападот врз американските сили и цивилите на аеродромот во Кабул во август 2021 година, како и со поновите смртоносни бомбашки напади во Ирак.

Но ако разузнавачките информации што биле споделени со Русија биле веродостојни и се однесувале конкретно на ИСИС, тогаш ФСБ и г. Путин можеби изгледаат надитрени зашто не го сфатиле посериозно тоа.

А ако е така, за Москва можеби е полесно некако да го поврзе нападот со Украина за да ја отфрли вината и, исто така, да си ја зголеми поддршката за руските акции таму, наместо да го признаат она што можеби го пропуштиле.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ