Азербејџанските власти соопштија денеска дека „привремено“ го прекинале патниот сообраќај на коридорот Лачин, единствениот пат што ги поврзува Ерменија и Нагорно-Карабах.
„Привремено е прекинато минувањето преку граничниот премин Лачин“, соопштија азербејџанските граничари, додавајќи дека мерката е преземена поради откривањето на шверцерски возила на ерменскиот огранок на Црвениот крст.
Азербејџанските власти соопштија дека е отворена кривична истрага и дека граничниот премин ќе биде затворен додека не се завршат „потребните истражни мерки“.
Ерменија од декември го обвинува својот сосед за блокирање на испораките за регионот Нагорно-Карабах и за создавање хуманитарна криза со блокирањето на тој коридор.
Ерменскиот огранок на Црвениот крст на крајот на јуни објави дека медицинските испораки во болниците во Нагорно-Карабах, како и транспортот на тешко болните пациенти, биле прекинати низ тој коридор.
Ерменија и Азербејџан се судрија во 2020 година околу контролата врз регионот Нагорно-Карабах. Конфликтот заврши со мировен договор со кој се призна победата на азербејџанските сили. Договорот беше постигнат со помош на Русија.
Руски војници оттогаш се стационирани во Нагорно-Карабах, но Ерменија веќе неколку месеци се жали на нивната неефикасност. Изолацијата на Русија на меѓународната сцена, поради конфликтот во Украина, го ограничува и просторот за маневрирање на Москва.
Нагорно-Карабах, територија населена претежно со Ерменци, отцепена од Азербејџан, што доведе до војна која однесе 30.000 животи во текот на 90-тите години.