петок, 18 октомври 2024
Став на заменик-министерката за правда

Аврамовска-Мадиќ: Судскиот совет сам треба да си реши проблемите, ние само бараме да работи

Објавено на

часот

Сподели

Одговарајќи на новинарски прашања во однос на случувањата во Судскиот совет и, дали излезот е со законски измени или некој друг начин, Аврамовска – Мадиќ нагласи дека судската власт е засебна и извршната власт не се меша.

„Можам само да им порачам на сите во правосудните органи дека треба сами да изнајдат начин и сили да си ги решат проблемите, што поскоро, бидејќи само тоа ќе биде начинот да почнат да ја враќаат довербата на граѓаните во правосудните органи“, изјави Аврамовска – Мадиќ.  

Во ваква ситуацијата, според Аврамовска – Мадиќ, довербата нема да може да се врати, без разлика, како што рече „што сѐ ќе направи Владата и какви краткорочни и долгорочни реформи ќе направи“. 

„За нивните нарушени меѓучовечки односи и сето она што се случува внатре, повторно ќе нагласам, мора сами да најдат начин да го решат“, изјави Аврамовска – Мадиќ.

Во однос на информацијата дека постои проблем со немање начин каде да се полага тестот за интегритет за изборот на судиите од основен во повисок суд и изборот на кандидатите кои завршиле во Академијата, Мадиќ рече дека со министерот за правда ќе дискутираат, за да изнајдат начин да му се помогне на Судскиот совет да може да работи. 

„Ние бараме Судскиот совет да почне да работи“, изјави Аврамовска – Мадиќ.

Прашана за коментар во однос на оставките во Судскиот совет, Аврамовска – Мадиќ рече дека оставките се лични и ќе остави сами да ги образложат причините.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ