Активиран е и механизмот за цивилна заштита на ЕУ.
„Со активирање на механизмот за цивилна заштита на ЕУ, во Северна Македонија се распоредени четири хеликоптери и три противпожарни авиони од Хрватска, Словенија, Србија и од Турција“, информира портпаролот на ЕК за хуманитарна помош и справување со кризи, Балаш Ујвари, најавувајќи дека ЕУ е подготвена да мобилизира и дополнителна помош.
Турција прва испрати ер-трактори и хеликоптери за справување од воздух со огнените стихии на тешко пристапните терени на планините Серта и Огражден. Подоцна во текот на денот во справувањето со пожарите се вклучи и еден хеликоптер од Србија со носивост од пет тони вода.
Од 11 активни пожари, денеска под контрола се ставени два – едниот кај Радовиш и другиот над Битола. Од ЦУК информираат дека пожарот кај Радовиш е локализиран благодарение на интервенцијата на радовишките пожарникари и на локалното население, кое масовно излегло да помогне.