петок, 8 ноември 2024

МД Илинден: Весникот Нова Македонија е афирматор на цивилизациските вредности на Македонците

Македонскиот весник Илинден од Тирана, Албанија упати честитка по повод 80-годишниот јубилеј на весникот Нова Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

„Искрени честитки до Нова Македонија како прв национален весник, издаден пред 80 години во слободна Македонија, на македонски јазик и неговото кирилско писмо. Скромно е да се каже дека весникот беше и остана бренд на македонската држава“, пишува во честитката.

Се наведува дека немерлива е неговата улогата во презентацијата и афирмацијата на цивилизациските и културолошките вредности и креации на Македонците како целина, како и дострелите на поединци и групи, што претставува значаен удел во светската богата ризница на информации.

„Осамостојувањето на Република Македонија нужно донесе трансформација и на статусот на весникот „Нова Македонија”, меѓутоа креативниот дух на весникот, неговата сериозност и стабилност го потврдија за достоен на времето во кое живееме, ослободен од разни влијанија и подметнувања, од дезинформации и јазикот на омразата, и од ирационални конфронтации“, се нагласува во честитката.

Се посочува дека весникот Илинден негува соработка со Нова Македонија, со што стана прв весник на Македонците во Албанија и на Балканот кој е дел од порталот Нова Македонија.

„Македонското друштво Илинден од Тирана годинава му ја додели наградата „Илинден” за делото и творештвото на весникот Нова Македонија. Веруваме дека соработката во интерес на вистината ќе продолжи и понатаму“, се посакува во честитката потпишана од Никола Ѓурѓај, главен и одговорен уредник на весникот Илинден и претседател на истоименото македонско друштво.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ