„Тероризмот во Сирија е направен во Турција“, изјави Асад во интервју за Скај њуз Арабија.
Турција ги поддржува вооружените опозициски групи кои се обидуваат да го соборат Асад и започна три големи упади во северна Сирија од 2016 година. Турските сили контролираат делови од северна Сирија.
Башар Асад, поддржан од Русија и Иран, успеа во последните години да врати поголем дел од територијата со помош на своите сојузници и да го сврти бранот на војната во своја полза. Сириските бунтовници и опозициските сили поддржани од Турција сега држат само мал дел од северозападна Сирија, каде продолжија борбите и насилството.
Асад, исто така, ги демантираше гласините за можна средба меѓу него и Ердоган и покрај состаноците на министрите за одбрана и за надворешни работи на Турција и Сирија за обновување на заладените односи, организирани со руско и иранско посредништво.
Дамаск смета дека Анкара мора да предложи распоред за повлекување на турските трупи од Сирија, со цел да се нормализираат односите. Во мај министрите се согласија да постават „патоказ“ за подобрување на односите.
Во последните месеци, Сирија ги подобри односите со некои земји кои ја поддржуваа опозицијата од избувнувањето на граѓанската војна во земјата во 2011 година.
Така, за прв пат по повеќе од една деценија, Асад учествуваше на самитот на Арапската лига во мај, чиј домаќин беше Саудиска Арабија. Меѓутоа, САД се против нормализацијата со Дамаск без политичко решение на конфликтот.
Претседателот Асад изјави дека дијалогот меѓу Дамаск и Вашингтон, кој започна пред неколку години и беше спорадичен, „не доведе до никакви резултати“. Тој тврди дека Дамаск успеал „на различни начини“ да ги надмине санкциите на САД.
Во граѓанската војна во Сирија загинаа половина милион луѓе, повеќе од еден милион беа ранети, големи делови од земјата беа уништени и речиси половина од предвоената популација од 23 милиони беше раселена, главно во соседните земји, Турција, Либан и Јордан.