сабота, 19 октомври 2024

Антоанета Димовска и Наќе Георгиев се новите членови на Судскиот совет

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот на Комисијата за избор Субхи Јакупи соопштувајќи ги првичните резултати попладнево рече дека Наќе Георгиев добил шест гласа како единствен кандидат од општата листа на кандидати од Врховниот суд. Гласале 13 од 16 запишани избирачи, седум ливчиња биле неважечки и три неупотребени.

Од листата за скопското апелациско подрачје и од управните судови, кандидатката Антонета Димовска, судија на Граѓанскиот суд Скопје, добила 110 гласови, а  Лазар Нанев од Основниот суд Кавадарци добил 49 гласа. За кандидатите од оваа листа гласале 185 од 220 запишани гласачи, 26 ливчиња биле неважечки и 35 неупотребени.

Изборите беа спроведени за да се пополнат две места во Судскиот совет по  оставките на врховната судијка Мирјана Радевска-Стефкова и на Зоран Герасимовски – судија од скопска Апелација. 

Гласањето траеше од 8 до 15 часот. Право на глас имаа 236 судии, 16 врховни судии и 220 судии од скопското апелационо подрачје – Основниот граѓански суд Скопје, Основен кривичен суд Скопје и основните судови од Велес, Кавадарци, Неготино, Гевгелија, Куманово, Крива Паланка и Кратово, како и судиите од Управниот и Вишиот управен суд.

Јакупи рече дека Комисијата за избор го следела изборниот процес во сите 13 гласачки места за двете листи  на кандидати за кои излезеноста на гласачите била 84 отсто. 

Досега немаме никакви забелешки ниту од кандидатите, ниту од комисиите кои го извршиле изборот. Задоволни сме од исходот од изборниот процес“, рече Јакупи.

Според Законот за Судски совет има два рока за приговори од кандидатите – првиот рок е за текот на гласањето и трае пет часа од затворање на гласачките кутии.

Вториот рок за приговори до Комисија за избор, кој исто така трае пет часа, се однесува на резултатите и тече од нивното првично соопштување.

„Ако од кандидатите нема приговори, ние имаме право во рок од 48 часа да ги соопштиме конечните резултати. Ќе причекаме дали ќе има приговори, ако не, може и утре да ги објавиме конечните резултати за двете листи на кандидати“, рече Јакупи. 

Судскиот совет е составен од 15 члена, од кои осум члена ги избираат судиите од своите редови, петмина се избираат во Собранието, од кои двајца предлага Претседателот на државата, а по функција членови на Советот се и претседателот на Врховниот суд и министерот за правда кој нема право на глас.

Мандатот на избраните членови трае шест години со право на уште еден избор, додека на претседателот на Врховниот суд и на министерот за правда со престанок на функцијата им престанува и мандатот во Советот.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ