сабота, 20 јули 2024
Обраќање на гувернерката на тркалезна маса во организација на ММФ

Ангеловска-Бежоска: Пандемијата и војната во Европа стрес-тест за малите економии

Објавено на

часот

Сподели

„Пандемијата и последиците од војната во Украина се еден од најголемите стрес-тестови на повеќедеценискиот процес на глобализација. Според некои оценки процесот на глобализација во изминатите четири децении овозможи зголемување на глобалниот доход за околу 10% во изминатата декада. Деглобализацијата е особен ризик за земјите од регионот, кај кои поради евентуалното намалување на трговските текови, како и на тековите на капитал, труд и технолошки иновации, може значително да се намалат потенцијалот за раст и реалната конвергенција“, посочила гувернерката во своето излагање.

Како што е наведено во соопштението од Народна банка, во овие економии во изминатите две декади, трговската интеграција значително се зголеми, достигнувајќи 113 отсто од БДП, а зголемување бележат и финансиските текови, особено преку странски директни инвестиции. Сето ова овозможи пренесување финансии, знаење и технологии од поразвиените економии, а со тоа и забрзана реална конвергенција, којашто во просек се зголеми за околу 30 п.п. Сепак, во земјите од Западен Балкан, овој процес е побавен, поради што ризикот од деглобализација е особено голем предизвик за оваа група земји.

Земјите од Западен Балкан, коишто воедно и не се дел од Европската Унија, имаат пониско ниво на доход, коешто е само околу 40 проценти од доходот на ЕУ, а поголеми потреби за инвестиции во инфраструктура. Ваквите состојби, како и новите предизвици коишто ги донесе енергетската криза и потребата за поголема дигитализација уште повеќе ја истакнуваат улогата на глобализацијата во развојот на овие економии. Оттука, неопходно е да им се посвети поголемо внимание на структурните реформи со кои ќе се намали ранливоста на овие економии и ќе се зголеми нивната отпорност на шокови, а воедно ќе се подигне и нивниот потенцијал за раст. Меѓународните институции можат да го поддржат овој процес преку дополнително финансирање, а особено за земјите коишто не се членки на ЕУ и немаат пристап до европските структурни фондови.

Конференцијата на која учествуваше гувернерката е од висок профил и традиционално ги обединува гувернерите на централните банки, како и министрите за финансии од регионот на ЦИЈЕ и високи претставници на меѓународни финансиски организации.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ