“Преку новата апликација за оружје, целосно е променет процесот во МВР, сега наместо прво да плаќате за обука за поседување на оружје, па потоа да полагате, па да извадите лекарско и да аплицирате, сега постапката е обратна, прво аплицирате преку порталот, потоа МВР прави проверка дали сте подобни да поседувате оружје, а потоа ја поминувате постапката на лекарско уверение, тренинг и полагање. На овој начин, граѓаните ќе имаат помалку трошоци и нема да бидат во неизвесност со месеци, дали ќе добијат или нема да добијат соодветна дозвола.” истакна Андоновски во денешното гостување во утринската програма на јавниот сервис.
Министерот нагласи дека оваа услуга е многу корисна за членовите на ловечките друштва, бидејќи им се забрзува времето да ја добијат дозволата.
Андоновски кажа и дека услугите се користат од страна на граѓаните, но сепак тука не застанува и тој очекува следната година бројката на услуги да се зголеми за 100.
“Бројката на поднесени барања е зголемена на околу 6000 барања за месецов. Граѓаните го препознаваат порталот uslugi.gov.mk, и започнуваат да користат услуги од истиот. Инаку кога дојдовме во министертсвото имавме 125 услуги достапни на порталот, за сега да биде бројката околу 200. Нашиот таргет за следната година е да имаме уште 100 услуги на порталот”, додаде министерот Андоновски.
Тој уште кажа дека во постапка е законот за сајбер безбедност со што ќе се заштити државата од сајбер напади.
“Ние бевме единствена држава од регионот која што немаше закон за сајбер безбедност. Законот е во изработка, додека националната стратегија веќе е во владина процедура и очекувам до крајот на годината да биде донесена, а законот на почетокот на 2025 година. Тој закон целосно ќе биде во согласнот со регулативата на ЕУ за сајбер безбедност и ќе ни даде точни одредници каде треба да се движиме во наредниот период”. заклучи министерот Андоновски.