Војната влегува во она што некои руски и западни функционери велат дека може да биде најопасно откако руските сили постигнаа најголем територијален напредок и САД му дозволија на Киев да возврати со американски ракети.
„Русија постави нови неделни и месечни рекорди во големината на окупираната територија во Украина“, објави независната руска новинска агенција Агентство.
Руската војска минатата недела окупираше речиси 235 квадратни километри во Украина, што е неделен рекорд за 2024 година, се вели во извештајот.
Руските сили во ноември зазеле 600 квадратни километри, се додава, цитирајќи податоци од Дип стејт (DeepState), група тесно поврзана со украинската војска, која ги проучува борбените снимки и обезбедува мапи на бојното поле.
Русија почна побрзо да напредува во источна Украина во јули, токму кога украинските сили зазедоа дел од нејзиниот западен регион Курск. Оттогаш, рускиот напредок е забрзан, според достапните карти.
Руските сили се движат во градот Курахово, отскочна штица кон логистичкиот центар Покровск во Доњецк, и ја искористуваат ранливоста на трупите на Киев долж линијата на фронтот, велат аналитичарите.
„Руските сили во последно време напредуваат со значително побрзо темпо отколку во целата 2023 година“, велат во извештајот аналитичарите на Институтот за проучување на војната со седиште во Вашингтон.
Генералштабот на украинските вооружени сили во својот извештај од понеделникот објави дека таа вечер се воделе 45 битки со различен интензитет долж кураховскиот дел од фронтот.
Во извештајот на Институтот за проучување на војната и на проруски воени блогери се вели дека руските трупи се во Курахово. Во понеделникот, Дип стејт на својата апликација за пораки Телеграм објави дека руските сили се во близина на Курахово.
„Напредокот на руските сили во југоисточна Украина во голема мера е резултат на откривањето и тактичката експлоатација на ранливостите на украинските линии“, велат аналитичарите на Институтот во својот извештај.
Русија вели дека ќе ги постигне сите свои цели во Украина без оглед на тоа што вели или прави Западот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека верува оти главните цели на рускиот претседател Владимир Путин се да го окупира целиот Донбас, кој ги опфаќа регионите Доњецк и Луганск, и да ги протера украинските војници од регионот Курск, чии делови контролираат од август.