„Групата џихадисти беше вооружена со бројни оружја, гранати и појаси со експлозив. „Нема индиции дека има цивилни жртви“, се додава во соопштението.
Операцијата, спроведена во четвртокот наутро, а најавена во петокот вечерта, „беше насочена кон лидерите на џихадистите со цел да се деорганизира и да се поткопа способноста на групата да подготвува, организира и изведува напади врз цивили во Ирак“, соопшти американската војска.
Се додава дека Исламската држава „останува закана за регионот, за американските сојузници како и за американската национална територија“.
Соединетите Американски Држави имаат околу 2.500 војници во Ирак и речиси 900 во Сирија, како дел од меѓународната коалиција создадена за борба против Исламската држава.
Иако ирачките власти прогласија победа над Исламската држава кон крајот на 2017 година, џихадистичките ќелии продолжуваат спорадично да ги напаѓаат војниците и полицајците, особено во руралните и оддалечените области надвор од поголемите градови.
Ирак на 15 август објави одложување на крајот на мисијата на меѓународната антиџихадистичка коалиција предводена од Вашингтон на своја територија, оправдувајќи го одложувањето со „последниот развој на настаните“ во регионален контекст.