„Работните групи на коалицијата Вреди, како легитимен претставник на Албанците, и ВМРО-ДПМНЕ, како победничка партија во рамките на преговорите за формирање на
новата влада, успешно го завршија процесот на интегрирање на изборните програми и постигнаа договор за претседател на Собранието да се предложи Африм Гаши.
Во меѓувреме ја информираме јавноста дека работните групи интензивно продолжуваат со преговорите до финализирање на договорот за вториот и третиот ешалон. Многу брзо како држава ке добиеме европски ориентирана влада, посветена за економски развој, инвестиции и подобрување на животниот стандард на граѓаните“, се вели во соопштението на Алтернатива.
Како што е познато, вчера Алтернатива соопшти дека Африм Гаши поднесе оставка од функцијата претседател на партијата и дека се повлече и од другите партиски функции имајќи предвид дека функцијата претседател на Собранието на Македонија е неспојлива со партиски функции.
Во наредниот период претседателската функција ќе ја извршува Беким Сали, поранешен министер за здравство и новоизбран пратеник во новиот парламентарен состав.