Предлогот за блокирање на Тикток го поднесе на крајот на минатата година премиерот Еди Рама.
Како што наведе албанската влада, одлуката е донесена по консултации со родители и наставници, а препораката за привремено затворање на оваа платформа го донела меѓуинституционална група.
„Станува збор за привремено затворање на пристапот до Тикток. Дадовме рок од 12 месеци за да ги преземеме сите потребни мерки, во координација со претставници на оваа платформа за да создадеме услови пристапот да не им штети на децата и младите. Националната агенција за кибернетичка безбедност ќе може да го спроведе овој привремен прекин на пристапот до Тикток во рок од неколку дена или недели“, кажа министерката за образование Огерта Манастирлиу.
Таа кажа и дека од државната полиција е добиена информација дека на оваа платформа се објавени голем број видео снимки и други материјали кои поттикнуваат на насилство и злоставување.
Според неа, околу 65.000 родители учествувале на повеќе од 1.300 состаноци, и поддржале затворање или ограничување на Тикток.
Консултациите со родителите и наставниците почнале откако на 18 ноември 2024 со нож беше избоден ученик на основно училиште во Тирана.
Мартина Цани, ученик на училиштето Фан Ноли, на 18 ноември го избоде негов врсник во центарот на Тирана.
По неговото убиство, на Тикток се појавија снимки на кои малолетници се изјасниле за убиство.
Исто така, по неговото убиство била објавена фотографија на извршителот, кој е уапсен, на која се гледа раната која ја добил на раката.
Неколку дена подоцна владата на Албанија изнесе на расправа два прелдози за сузбивање на влијанието на социјалните мрежи Тикток и Снепчет на децата.
По одлуката на владата реагираше опозицискиот лидер Сали Бериша, кој кажа дека владата ја цензурира оваа платформа во екот на предизборната кампања. Оцени дека причината за тоа е што владата „се плаши од слободата на говорот и нејзиното влијание на младите“ и повика на протести во Тирана на 15 март.