„Бесмислено е да коменгирам изјави на политички лидери. Јас сум политичар кој гласно и јасно го кажува својот став. И апсолутно сметам дека ако секој од политичарите има одговорност и ги кажува јасно ставовите, државата ќе оди напред. Сакав да слушнам многупати ставови од Мицкоски како лидер на опозицијата за многу прашања, но за жал не можеме да слушнеме ставови од него. Жално е што тој тоа не може да го разбере“, изјави министерот Спасовски кој со потесното раководство на МВР вечерва ги посети полициските службеници кои спроведуваат превентивна активност кај ТЦ Бисер, во Општина Аеродром.
Инаку, Спасовски пред неколку дена изрази несогласување со одредбите од предлог законот за амнестија. Тој изјави:
„Мојот став е дека апсолутно не е соодветно ниту времето ниту моментот за носење на закон за аменстија. Второ, опфатот кој што е барем соопштен дека ќе опфати прилично мал број на лица исто така нема да помогне во многу. Но, сега тоа е работа на Собранието. Нема да имаме никакви ефекти во однос на носењето на законското решение. Нема да допринесе значително да ослободат места или да се намали притисокот на казнено-управните установи. Јас мислам дека треба државата стратешки да размислува во зголемувањето на капацитетите на затворските институции“.
Денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ја коментираше таа изјава и му порача на Спасовски дека има избор – да даде оставка од функцијата. Тој рече:
„Едната опција е ако не се согласува да ја напушти Владата. Втората опција која ја има Спасовски, е да молчи и да прифати дека тие коишто се опфатени со овој закон се озлогласени криминалци, луѓе кои што тргувале со недозволени супстанци или познати како нарко дилери, переле пари, вршеле изнуда, правеле насилство и така натаму“.