„Јас сум за мирен отпор. Јас сум за преговори засновани на меѓународна мировна конференција и под меѓународно покровителство кои би воделе кон решение под заштита на светските сили за воспоставување суверена палестинска држава во Појасот Газа, Западниот Брег и Источен Ерусалим“, рече тој.
Абас рече дека врз основа на обврзувачки меѓународен договор ќе ја оживее ослабената палестинска самоуправа (ПС), ќе ги спроведе долгоочекуваните реформи и ќе одржи претседателски и парламентарни избори. Абас рече дека ПС се придржувала до сите мировни договори потпишани со Израел, од Договорот од Осло од 1993 година до другите, но дека Израел ги прекршил своите ветувања за ставање крај на окупацијата.
„Кој и да победи – победи, ова ќе бидат демократски избори“, одговори тој на прашањето дали би ризикувал да одржи избори земајќи ја предвид можноста Хамас да победи како во 2006 година. Абас рече дека планирал да одржи избори во април 2021 година, но претставник на Европската унија му кажал дека Израел се противи на гласањето во Источен Ерусалим, принудувајќи го да ги откаже изборите.
Абас не презентираше конкретна визија за повоениот план за кој се разговараше со американските официјални лица. Според тој план, ПС ќе ја преземе контролата врз Појасот Газа, каде живеат 2,3 милиони луѓе.
„Газа денес не е Газа како што вие ја знаете. Газа е уништена. Нејзините болници, училишта, инфраструктура, згради, патишта и џамии се уништени. Ништо не остана. Кога ќе се вратиме, ќе ни требаат ресурси, на Газа ѝ треба реконструкција“, изјави Абас и ги повика САД да бидат одговорни за она што се случува во енклавата.
„Тоа е единствената сила способна да му нареди на Израел да ја прекине војната и да ги исполни своите обврски, но за жал не го прави тоа. Америка е соучесник на Израел“, рече Махмуд Абас.