недела, 27 октомври 2024

99 жени од неколку држави откриени во три угостителски објекти

99 женски лица со потекло од Украина, Русија, Белорусија, Албанија, Косово, Колумбија, Србија, Аргентина, Бугарија, Казахстан и од  Македонија открила полицијата во два угостителски објекти во Тетово и во еден во Охрид. Зошто таму се наоѓале? Од МВР велат: „Престојувавле спротивно на целта“.

Објавено на

часот

Сподели

Претрес бил извршен во три угостителски објекти, од кои два на подрачјето на СВР Тетово и еден на подрачјето на Охрид.

„При спроведените полициски и истражни дејствија во трите угостителски објекти биле затекнати вкупно 99 женски лица со потекло од Украина, Русија, Белорусија, Албанија, Косово, Колумбија, Србија, Аргентина, Бугарија, Казахстан и Северна Македонија, кои престојувале спротивно на целта, а пронајдена е една ќеса со прашкаста материја и еден пиштол марка гамо со калибар 4,5 мм.

Во угостителскиот објект сопственост на И.И.(26), биле затекнати 50 девојки од Украина, Русија, Белорусија, Албанија и Косово, како и кеса со дрога, а исто така биле легитимирани 80 гости.

Во угостителскиот објект, сопственост на А.Џ.(26), беа затекнати 36 девојки од Украина, Русија, Белорусија, Албанија, Колумбија, Србија, Аргентина, Бугарија и Северна Македонија, а пронајден е и пиштол, додека легитимирани биле 95 гости во објектот.

При претресот извршен во угостителскиот објект во Охрид, сопственост на Х.А.(34), биле затекнати 13 девојки од Украина, Русија, Белорусија, Казахстан и Северна Македонија, а затекнати и легитимирани биле 47 гости во објектот.

Во однос на затекнатите женски лица кои престојувале спротивно на целта ќе се отпочне со прекршочна постапка пред надлежен суд, а против сопствениците ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, се вели во соопштението на МВР.

Од МВР велат дека станува збор за акција на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во содејство со Одделот за специјални полициски операции (ОСПО) и во координација со јавен обвинител од ОЈО ГОКК. Акцијата била спроведена со наредба за претрес од Основен кривичен суд, Скопје.

Фото: Архива МВР

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ