петок, 18 октомври 2024

90 отсто од акциите на Соравиа се продаваат на компанијата од Тирана и на фирмата на внукот на Али Ахмети

Објавено на

часот

Сподели

„Пе-вла-ку ШПК“, водечки бизнис субјект со седиште во Албанија, денеска соопшти дека стекнува 90 отсто од акциите во „Соравиа инвест“ ДООЕЛ и 100 отсто од „Соравиа менаџмент“ ДООЕЛ, фирми од Австрија сопственици на бизнис центарот Соравие во Скопје.

Оваа монументална набавка е во стратешко партнерство со „Тор индустри“ ДООЕЛ, доверлив и успешен деловен субјект од Македонија, се вели во денешното соопштение на компанијата од Албанија.

„Оваа голема аквизиција претставува значајна пресвртница во тековното проширување на ‘Пе-вла-ку ШПК’ и го означува почетокот на ново поглавје во историјата на компанијата. Ја истакнуваме посветеноста на ‘Пе-вла-ку ШПК’ да го прошири својот бизнис надвор од Албанија, а остануваме посветени на иновациите и на растот“, соопшти компанијата.

Претставник од „Пе-вла-ку ШПК“ изјави: „Воодушевени сме поради овој нов потфат и можноста што ја нуди. Оваа аквизиција е дел од нашата поширока стратегија за подобрување на нашето присуство на пазарот и создавање синергии меѓу различни деловни сектори. Ние веруваме во силата на нашите нови партнери и оптимисти сме за нашата иднина“.

Во соопштението на компанија се вели дека „Тор индустри“ ДООЕЛ е нивен почитуван партнер со значителен успех не само во Македонија, туку и во целиот регион. „Нивната посветеност на поттикнување на раст и иновациите и нивната експанзивна мрежа додаваат значителна вредност на ова партнерство, што ги прави идеален соработник за нас“, соопшти „Пе-вла-ку ШПК“, компанија од Албанија.

 

Денеска со соопштение се јави и австриската фирма, сопственик на бизнис центарот во центарот на Скопје.

„Хано Соравиа“ (Hanno Soravia GMBH), веќе 150 години е водечка инвестициска компанија со седиште во Австрија, објави потпишување на договор за купување акции со ‘Пе-вла-ку ШПК, реномирана компанија со седиште во Албанија, и ‘Тор индустри’ ДООЕЛ, истакнат деловен субјект од Македонија. Хано Соравиа ќе продаде 90 отсто од акциите во два нејзини клучни субјекти, Соравиа инвест и Соравиа менаџмент, задржувајќи 10 отсто од акциите.

Задржувањето на 10 отсто од акциите покажува континуирана верба и посветеност на Хано Соравиа во растот на компаниите и потенцијалот на новото партнерство.

Извршниот директор на Хано Соравиа изјави: Ние сме ентузијасти за ова ново партнерство, кое означува значајна пресвртница во нашата корпоративна историја. Уверени сме дека ‘Пе-вла-ку ШПК’ и ‘Тор индустри’ се идеално позиционирани да ја преземат контролата и дополнително да го поттикнат растот на ‘Соравиа инвест’ и на ‘Соравиа менаџмент’“, соопшти австриската компанија.

По објавените информации за продажбата на бизнис центарот Соравиа во строгиот центар на Скопје, дополнителен интерес на јавноста предизвика инфомацијата дека дел од оваа зделка всушност е фирмата „Тор индустри“ на Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети, лидерот на владејачката партија ДУИ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ