28 години потоа сѐ уште останува непознато кој го организираше и кој го изврши атентатот врз претседателот Киро Глигоров. Официјално истрагата која се води против непознат сторител сѐ уште е отворена. Засега само се знае оти само среќна околност е што претседателот Глигоров го преживеа атентатот.
Нападот беше извршен со автомобил-бомба на 3 октомври 1995 година во 9:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје кога Глигоров со службено возило се движеше од неговата резиденција на Водно на работното место во Собранието.
Во автомобил „цитроен ами 8“ биле скриени 20 килограми експлозив, кој бил активиран со далечински управувач кога возилото на Глигоров се движеше кон зградата на Собранието, каде што беше неговиот кабинет. Пред експлозијата службеното возило на претседателот на улицата „Македонија“ го забавило едно „фиќо“.
Во истрагата биле претресени 30.850 возила и прегледани повеќе од 15.000 објекти, легитимирани биле повеќе од 188.000 луѓе, од кои 19.000 биле претресени. МВР извршило и повеќе информативни разговори со луѓе за кои сметало дека се можни сторители на атентатот, но сите тие биле пуштени по испрашувањата.
Киро Глигоров е роден на 3 мај 1917 година во Штип, а почина на 1 јануари 2012 година во Скопје на 94 години.
Покрај политиката, Глигоров се занимаваше и со пишување. Автор е на неколку дела, главно пишувани по завршувањето на неговиот мандат како претседател, Македонија е сè што имаме, 2001, Атентат – ден потоа, 2002, Виорни времиња : Република Македонија реалност на Балканот, 2004 како и Сите југословенски (стопански) реформи, 2006 година.