петок, 18 октомври 2024

22. Синедејс од 13 до 18 јули во МКЦ, кино Фросина и Кинотека

Објавено на

часот

Сподели

„Две децении Синедејс го гради угледот на квалитетен меѓународен филмски фестивал, единствен домашен фестивал акредитиран од ФИАПФ, но годинава со исклучително намален буџет. Сепак професионалноста и ентузијазмот на тимот на МКЦ направи одлична програма со која не отстапува од своите големи и високи фестивалски амбиции, програма која ќе го направи и овој Синедејс ремек-дело со филмска програма, која повторно директно ја увезуваме од Кан, како први од сите фестивали во Европа“, истакна Маргарита Арсова, програмски координатор на CINEDAYS.

Отворањето и затворањето на 22. CINEDAYS е во знак на македонските режисерски имиња.

Филмот „М на Вардан Тозија својата светска премиера ја имаше на Филмскиот фестивал во Кан, во рамки на маркетот за филмски професионалци и на Берлинскиот филмски фестивал, а македонската премиера е за отворањето на CINEDAYS, по што од септември филмот го започнува својот киноприкажувачки и фестивалски живот.

Филмот М“ е дистописка приказна за осумгодишниот Марко, кој живее со верување за заштитничките моќи на својата магична шума, не знаејќи за постоењето на светот надвор од неа. И покрај контролата на неговиот строг татко, детската љубопитност го води до преминување на границите“, изјавува режисерот Тозија.

Тој посочува дека филмот е снимен пред три години, но поради бројните предизвици, дури сега се случува неговата премиера. Сценариото е потпишано од Вардан Тозија и Даријан Пејовски, кинематографер е Влатко Самоиловски, сценографијата е на Кирил Спасески-Кикич, костимите се на Андреа Кустовиќ и Николина КостаншекУлогите ги толкуваат Матеј Сиваков, Александар Ничовски, Сашко Коцев, Тони Михајловски, Камка Тоциновска, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Оливер Митковски, Владимир Тулиев… Продуцент на „М“ е „Фокус покус филмс“ од Скопје во копродукција меѓу Хрватска, Косово, Луксембург и Франција.

Затворањето на фестивалот CINEDAYS е повторно со македонска премиера, филмот „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски.

И годинава натпреварувачката програма на CINEDAYS е селекција на Бернд Будер. Во фестивалската програма, се вели во соопштението, ќе видиме светски и македонски филмови и копродукции што „гравитираат“ во Официјална селекција, Гала програма, SEE програма, МК Shorts (кратки филмови) и Ретроспектива на филмови посветена на Дејвид Боуви како актер.

 „Она што е обединувачко за ова издание на фестивалот е компакната  програма во која ќе погледнеме наслови на Вим Вендерс, Кен Лоуч, Нани Морети, Аки Каурисмаки, Франсоа Озон, Александар Сокуров… Новиот филм на Горан Столевски, а имаме и пет премиери на македонски кратки филмови. Поради буџетските рестрикции програмата е тесно селектирана на сметка на квантитетот за да извадиме што подобар квалитет“, истакна Арсова.

Со огромно задоволство го најавуваме мастеркласот на нашиот Митко Панов и прикажување на филмот „Сведок“, а овогодишната програма на CINEDAYS предвидува и дополнителни два мастеркласа, на Јуре Матичич, програмски раководител на „Местни кино Домжале“ Словенија и гуруто за презентација и ‘пакување на филмови Габриеле Бруненмајер, која работи како независен консултант за Мидпоинт институтот, се вели во информацијата и се додава дека  иклучително внимание се обрнува на работилниците – правата е именувана како  „Self-Tape и онлајн-кастинг во дигиталната ера“, а ќе ја држи Луси Ленокс, наградувана кастинг-директорка, а втората работилница е „Основи на филмскиот јазик“, наменета за деца до 15 години, која ќе ја води Саша Станишиќ, дипломиран филмски и тв-режисер.

На Синема форумот годинава ќе се разгледуваат новите предизвици на кинодистрибуцијата, за да се иницираат нови начини за подобрување на дистрибутерската и киноприкажувачката дејност и да се разгледаат можностите за иновации и развој на нови бизнис-модели.

Mузичката програма на фестивалот CINEMUSIC годинава го најавува концертот на скопскиот бенд Културно-уметнички работници , кој неодамна го издаде својот седми албум, потоа Педро Кастиљо и белградскиот експериментален бенд Визељ.   

Билетите за CINEDAYS ќе бидат по цена од 200 денари, за сите филмови.

Фестивалот е поддржан од Кинотека на Македонија, Публицис, Скопска пивара, ЕУ за ТЕБЕ, Неотел, Гете институт, Агенцијата за филм на РСМ и Град Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ