сабота, 26 октомври 2024

130 израелски војниви одбива да се борат: „Помината е црвената линија“

Кога Хамас нападна во јужен Израел на 7 октомври минатата година, резервистот Јотам Вилк не бил повикан во воена служба, туку доброволно се пријавил за борба. Од тогаш минал повеќе од 230 дена служејќи во израелската војска во Газа. А сега одбива повторно да служи.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„На 7 октомври не се двоумев бидејќи мои сонародници беа убиени и сфатив дека има потреба да ги спасиме. Сè уште постои потреба да се спасат заложниците, но тоа израелската влада не го смета за итно“, кажал тој за Си-ен-ен.

Откако летоска ја завршил својата втора тура како резервист во Газа, решил повеќе да не се јавува на повиците. Верувал дека воената акција е оправдана во некои случаи, но дека би требало да се користи само како средство за постигнување дипломатски решенија кои одат кон мир. Не верува во волјата на израелската влада тоа да го постигне, и покрај тоа што разурнувањата во Газа стануваат сè потешки, што влијае и на животите на Палестинците и на животите на израелските заложници.

На 9 октомври Вилк заедно со 130 други израелски резервисти потпишал отворено писмо до премиерот Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант во кое порачуваат дека одбиваат да служат ако не се потпише договор за завршување на војната и враќање на 101 заложник кои се сè уште во Газа.

„За некои од нас црвената линија е веќе помината, а за други забрзано се приближува: денот кога со скршени срца ќе престанеме да се јавуваме за воена служба“, се наведува во писмото.

На Вилк му е доста од војување, но одлуката не ја донел лесно. Од една страна, одбивајќи да служи, се чувствувал како да ги напушта заложниците и му овозможува на Хамас да управува со Газа, за што верува дека ги влошува животите на Палестинците. Од друга страна, ако се јави на повикот се плашел дека ќе учествува во војната која ќе заврши со уште една израелска окупација на Газа, со која не сака да има ништо.

И покрај тоа што Нетанјаху вели дека нема да има доселувања во Газа, Вилк вели дека владината политика на ширење на населбите на окупираниот Западен брег предизвикува сомнеж во вистинските намери. Кабинетот на Нетанјаху вклучува екстремно десничарски министри кои повикаа на создавање израелски населби во Газа.

„Ме ставија во ужасна ситуација. Се чувствувам издаден од сопствената влада“, вели Вилк. И не е осамен во тоа.

Уште еден 28-годишен резервист, кој побарал да остане анонимен бидејќи не сакал семејствата на загинатите војници да се чувствуваат издадени поради неговата одлука, служел во Газа повеќе од 130 дена. „Воениот притисок е огромен за нешто повеќе од една година и не мислам дека новите воени акции ќе ја сменат ситуацијата“, кажал тој за Си-ен-ен.

И тој верувал дека треба да се бори против Хамас по 7 октомври, но со која цел.

„Секогаш можеме да продолжиме со бомбардирање на Газа. Нема ни да зборувам за цивилната цена, бидејќи луѓето во Израел замолчуваат кога зборуваме за тоа. Нема смисла да се води војна која би можела да трае вечно“, вели овој израелски војник.

„Вечна војна“ стана слоганот на противниците на Нетанјаху за да ја опишат неговата наводна желба да продолжи да војува за сопствен политички ќар. Нетанјаху вети дека Израел ќе продолжи да се бори сè додека неговите непријатели не се поразени, не се ослободат заложниците и Израелците да можат да се вратат во своите домови на југот и на северот.

Ова не е првпат од упадот на Хамас резервисти да изјават дека одбиваат да служат. . во мај повеќе од 40 резервисти потпишаа писмо откако израелските сили извршија инвазија на градот Рафа на југот на Газа. Но сега бројот на потписници е три пати поголем, а влоговите се поголеми бидејќи Израел води војна на повеќе фронтови.

„Не сум загрижен за последиците кои може да ги сносам, туку за своите морални одлуки и за својата способност да погледнам наназад и да верувам дека правилно сум одлучил и дека сум бил на вистинската страна на историјата. Војната е лоша работа. Треба да настојуваме таа да биде што пократка. Се чини дека војната не служи на ништо, дека е цел сама за себе“, заклучуваат израелските резервисти.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ