вторник, 22 октомври 2024

ЗНМ и СЕММ апелираат за внимателно известување за исчезнатото девојче

Објавено на

часот

Сподели

ЗНМ и СЕММ ги потсетуваaат новинарите, дека мора да ја почитуваат личната болка на семејството, а сите извештаи за несреќи или судски постапки да бидат ослободени од сензационализам.

„Во текот на денешниот ден регистрирани се серија текстови со лажна содржина, пренесени од коментари и реакции на социјални мрежи, од неверодостојни профили, за кои не може да се утврди кој стои зад нив. ЗНМ, преку одлуки на Советот на честа, како и СЕММ, повеќе пати досега се произнесоа дека социјалните мрежи не може да бидат веродостоен извор на информации од кои новинари без да проверат ќе преземат содржини и од нив ќе пишуваат вести или наслови, бидејќи фејсбук профилите или профили на другите мрежи се лична одговорност на носителите на профилите, а медиумите имаат обврска да ги проверат информациите пред да ги објават. Објавувањето без проверка, само затоа што некој објавил нешто и некаде на социјална мрежа, а тоа станало вест во медиум, не ги ослободува медиумите од одговорност“, се вели во соопштението.

ЗНМ и СЕММ, бараат од новинарите и медиумските работници, да се вклучат во известување за случаи како што е исчезнувањето на 14 годишно девојче од Скопје, но строго да внимаваат на професионалните етички стандарди, да не шират страв и паника, да не објавуваат лажни вести и непроверени информации, и на тој начин дополнително да ја подгреваат ситуацијата.

„Советот на честа на ЗНМ, постапувајќи по претставки може да исклучи членови од членство во ЗНМ поради повреда на одредбите на Кодексот и затоа, уште еднаш ги повикуваме сите новинари, информациите да ги подготвуваат крајно внимателно, со етички избалансирано известување и претходна сериозна проверка. Медиумите во оваа фаза треба посебно да внимаваат и со изнесување на лични или семејни детали, кои можат да му наштетат на интегритетот на детето“, се вели во соопштението.

ЗНМ и СЕММ, исто така, ги охрабруваат сите граѓани кои ќе забележат прекршувања на Кодексот да ги пријават на соодветен формулар кој се наоѓа на страницата на ЗНМ или на страницата на СЕММ, и на тој начин да помогнат во детектирање на медиумите кои отстапуваат од новинарските стандарди. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ