вторник, 16 јули 2024

Жители на Долно Нерези оглувеа од џамијата, на ИВЗ не ѝ се слуша, општината допрва ќе ја мери бучавата

Објавено на

часот

Сподели

Се работи за повеќегодишен проблем со бучавата која е наметната во околината од страна на објект во кој се употребуваат звучни уреди, проблем кој досега не е решен, а проблеми од овој вид што предизвикуваат непријатност и вознемирување на граѓаните има во цело Скопје, се жалат дел од жителите на Долно Нерези кои до редакцијата испратија документи од кои се гледа дека се обратиле до сите релевантни институции, а решение нема.

Инспекторите чекаат одговор, две години не добиле ни глас ни абер од ИВЗ

Вознемирените мештани се жалат дека две години чекаат конкретен одговор и акција од инспекторите затоа што на 24.8.2021 година до општинската инспекција поднеле Пријава за поведување на инспекциска постапка за заштита од бучава.

„Согласно Законот за заштита од бучава во животната средина, бараме да извршите инспекциска постапка на објект во кој се употребуваат звучни уреди, конкретно џамија со минаре во населбата Долно Нерези, со цел да се преземат соодветни мерки и активности за заштита од бучавата која е наметната во околината од страна на наведениот објект со користење на извори на бучава што предизвикуваат непријатност и вознемирување на граѓаните. Имено, џамијата со минаре во населбата Долно Нерези, како објект во кој се употребуваат звучни уреди, подлежи на одредбите од Законот за заштита од бучава во животната средина и, како сите други правни и физички лица, треба да ги почитува истите. Наспроти ова, наведениот објект има инсталирано звучни уреди коишто се активни повеќе пати во текот на денот со максимален интензитет и на тој начин создава бучава во околината и предизвикува непријатност и вознемирување на жителите во населбата Долно Нерези но и на оние во Карпош 4 и во Тафталиџе 2. Инсталирањето и секојдневната употреба на звучниците со голема моќност што го надминува дозволеното ниво на бучава, е во спротивност со претходно потпишаната изјава на претседателот на одборот за изградба на џамијата, заверена на нотар, дека во објектот нема да се постават звучници, кога во 2005 година истата претставуваше нелегален објект и на седница на Советот на општина Карпош требаше да се изгласа Деталниот урбанистички план со кој џамијата се легализира. Имајќи го предвид горенаведеното, барам овластен инспектор за животна средина во општина Карпош да изврши инспекциски надзор и врз основа на утврдената фактичка состојба да издаде решение за забрана за користење на звучните уреди инсталирани на минарето на џамијата во Долно Нерези. По извршениот инспекциски надзор, бараме овластениот инспектор да нѐ извести во рок од седум дена од денот на спроведувањето на инспекцискиот надзор за преземените мерки и активности, а согласно законките прописи, пишува во Барањето на дел од жителите на оваа скопска населба.

Од општина Карпош пак им било одговорено дека општината се обратила до Исламската верска заедница. Безмалку две години подоцна, од општината за МКД.мк велат дека одговор сѐ уште не добиле.

Овластениот инспектор за животна средина на општина Карпош неколку пати разговараше со одговорните лица на самиот објект и испрати допис до Исламската верска заедница на ден 30 август 2021 година, но за жал до сега не добивме никаков одговор од нивна страна, велат од општина Карпош.

Мештаните не се задоволни од ваквиот одговор и за нив тој е несоодветен и дилетантски.

„Во врска со поднесената аргументирана пријава, добивме несоодветен, дилетантски одговор дека истата е препратена до Исламската верска заедница како релевантна институција. По добиениот одговор ќе Ве известиме и ќе пристапиме кон решавање на овој долгогодишен проблем. Ваквиот одговор воопшто нема основа во ниту еден член од Законот за заштита од бучава во животната средина. За бесмисленоста на ваквата постапка може да се наведе пример по аналогија дека ако некој граѓанин се жали на бучава предизвикана од звучници во угостителски објект, дали во таков случај инспекцијата, наместо да поведе постапка и да преземе мерки, ќе ја препрати пријавата на граѓанинот до здружението на угостители?!, реагираат дел од мештаните.

Иницијативата до надлежните сламка за спас на мештаните

Незадоволни од одговорот на општинските инспектори, граѓаните на Долно Нерези на 26 мај годинава поднеле Иницијатива со речи си идентична содржина како онаа испратена до инспекторатот, а со која бараат решавање на проблемот, и до градоначалникот на Општина Карпош како и до Советот на општината.  

„Согласно Законот за заштита од бучава во животната средина, бараме да се преземат соодветни мерки и активности за заштита од бучавата која е наметната во околината од страна на објект во кој се употребуваат звучни уреди, конкретно муслимански верски објект џамија со минаре во населбата Долно Нерези. Врз основа на наведените ноторни факти бараме Општина Карпош да преземе соодветни законски мерки и активности за заштита од бучавата во споменатите населби. По спроведувањето на соодветни активности во согласност со законските одредби бараме општина Карпош да нѐ информира за преземените мерки за заштита и спречување на бучавата што ја создава џамијата со минаре пишува во Иницијативата на дел од жителите на Долно Нерези.

Од општина Карпош пак велат дека за да се реагира прво ќе мора да се измери нивото на бучава што се предизвикува од делувањето на џамијата.

По пријава од граѓанин на 26 мај 2023 година општина Карпош ќе ангажира овластена лиценцирана фирма и ќе издаде налог да се изврши мерење на нивото на бучава на животната средина. По извршеното мерење ќе постапи согласно резултатите од мерењето, велат од општина Карпош.

Според Законот за заштита од бучава во животната средина, органите на државната управа, органите на општините, градот Скопје и општините во градот Скопје се должни да преземаат мерки за заштита од бучава.

При вршењето на инспекцискиот надзор, инспекторите за животна средина на правните и физичките лица, со решение можат да им наредат забрана за употреба на извори на бучава, а звучниците да се отстранат со цел да се избегне ризик од прекршување на наредбата, како и да не дојде до изрекување глоба поради создавање бучава повисока од пропишаните гранични вредности и употребување уреди кои создаваат ниво на бучава повисока од пропишаното. Државните инспектори за животна средина и овластените инспектори за животна средина се должни да го известат подносителот на иницијативата или пријавата за поведување на инспекциска постапка во рок од седум дена од денот на спроведувањето на инспекцискиот надзор“, пишува во законот.

                                                                                                                                                   Искра Опетческа

 

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ