Македонија ќе се држи до европските принципи, ама ќе биде партнер со САД. Дали оваа дефиниција за новата надворешна политика на Македонија е прифатлива за вас?
-За жал на Владата од Минхенската безбедносна конференција и говорот на американскиот потпретседеател Џеј Ди Венс до денес се случи сериозен расцеп помеѓу САД и ЕУ. Она што изгледаше идеална позиција за нас, каде воспоставуваме одлични односи со Владата на Доналд Трамп, а преку коалицијата на демохристијански партии односно влади во Европа, (т.н. ЕПП) ВМРО-ДПМНЕ има шанси да ги засили позициите по победата на сестринската партија во Германија, сега е проблематично да се балансира. Обидите на премиерот, претседателката и министерот за надворешни работи со „Македонија ќе се држи до европските принципи, ама ќе биде партнер со САД“ во моментов изгледаат како најзгодно решение но, бидејќи настаните се одвиваат со светлосна брзина треба да бидеме многу внимателни во следните чекори. Потребно е отворање на комуникацијата на Владата и со опозицијата и со сите релеватни интелектуални капацитети во земјава, од академијата, тинк-тенк и бизнис заедница, до медиумите, постојано и длабински, речиси како еден координативен кризен штаб. Се разбира легитимноста односно легитимитетот на одлучување е во владеачката коалиција, но во исклучителни ситуации секогаш треба да се наоѓаат исклучителни решенија.
Потегот на Македонија за коспонзорство на резолуцијата на САД во Генералното собрание на ОН беше шамар за ЕУ. Се согласувате ли со ваквата оценка?
-Мислам дека во моментов ЕУ не обрнува внимание на нашата дипломатска поставеност во Генералното собрание на ОН. Во моментов небитно е тоа наше поведение, но како што веќе истакнав, ни претстојат сериозни предизвици во меѓународните односи каде можеби земјата ќе биде под силен притисок да се приклони кон овој или оној табор.
Што може да се очекува од новиот канцелар на Германија во однос на поставеноста во ЕУ? Макрон се обидува да ја преземе лидерската позиција, ама премногу воинствено изгледа тоа.
-И едниот, а посебно другиот имаат многу слаб политички легитимитет. Мерц победи и ќе биде премиер, но ќе мора повторно да прави коалиција со мејнстрим левицата, а резултатот на неговата коалиција беше историски низок, а на т.н. екстремна десница историски силен. Далеку сме од времето на Ангела Меркел како неприкосновен лидер на ЕУ. Всушност, во последните години по нејзиниот пад и мигрантската криза, како и проблемите со пандемијата ковид-19, и војната во Украина на лидерската позиција сѐ повеќе пледираат челните лица од ЕУ, Урсула Вон дер Лајен, Мишел, Борел порано, сега Каја Калас. Овој тренд е нов и доста алармантен во однос на демократската поставеност на Унијата во меѓународните односи. Судирот помеѓу САД и Европа е и околу сфаќањето на либерализмот и демократијата. Имено Венс, во неговиот говор во Минхен истакна дека најголемите закани за европската демократија доаѓаат од внатре, посочувајќи ја масовната имиграција како најзначаен проблем за Европа, со растот на криминалот и терористичките акти. Понатаму, тој посочи дека европските демократски институции и слободата на говор се проблематични и заради поништувањето на првиот круг од претседателските избори во Романија во 2024 година, поради наводни руски кампањи за поддршка на националистичкиот кандидат Калин Џорџеску, и генерално ја критикуваше политиката во ЕУ против „дезинформации” и „лажни вести” со која се потиснуваат алтернативните идеи и се штитат старите, вкоренети интереси и мејнстрим партии. Тој ја критикуваше британската влада за законите кои, според него, ја ограничуваат слободата на говор, наведувајќи го случајот на Адам Смит Конор, кој бил затворен за прекршување на „безбедносна зона” околу клиника за абортус во Борнмут. Венс исто така ги осуди пресудите против христијански активист во Шведска за палење на Куранот, полициските акции против антифеминистички коментари во Германија и предупредувачките писма испратени од шкотската влада до луѓе чии домови се наоѓаат во безбедносни зони, наводно забранувајќи приватни молитви. Тој нагласи дека европските лидери треба да ја прифатат разноликоста на идеите, а не да се плашат од јавното мислење, дури и кога тоа ги предизвикува воспоставените позиции. Сведоци сме во минатите години за засилена пропаганда во ЕУ, за отсуство на реална дебата на горенаведените теми, како и околу причинита на рускиот напад на Украина. Во тој контекст, најновата одлука на ЕУ, во соработка со Велика Британија, да се милитаризира и да продолжи да ја поддржува Украина, отфрлајќи ја дипломатија и комуникацијата со Русија е многу загрижувачка и за либерализмот и за демократијата во Европа, но и за можен сериозен конфликт со нуклеарна сила.
Ама тоа би биле сериозни поместувања за Европа за преструктуирање одвнатре. Како тоа би било можно во вака поделената Унија?
-Освен Унгарија и делумно Словачка другите држат некаква заедничка линија во однос на Украина. Сепак во ЕУ има премногу актери и позиции, кои патем речено се релативни во однос на тоа каква партија или коалиција е на власт во дадена земја во дадено време – со промена на власта можат да се променат и позициите на таа држава во надворешната политика – па така, заедничката надворешна и безбедносна или одбранбена политика на ЕУ ќе бидат под постојан стрес да се остварат, што во итни или кризни ситуации ќе биде погубно. Замислете да се пробие фронтот во Украина. Колку време ќе им треба на земјите членки да обмислат и спроведат некаков план. Додека се свестат Русите може да стигнат до Харков. Или до Киев. Едноставно сѐ појасно е дека кога треба да зборуваш со ЕУ не е јасно кому треба да се обратиш.
Што со Преспанскиот договор? На неколку позиции овој договор може да се раскине. Дали би ѝ советувале на Владата тоа да го стори?
-Заветна, горда Македонија беше повик за акција кој досега го немаше. Преспанскиот договор е неодржлив за нас Македонците. За да го раскине, Владата треба да има и план и моќ тоа да го стори, или во најмала рака да се договори со Грција за негово модифицирање со, на пример користење на Република Македонија дома, но и надвор (би било значи Republic of Makedonija). Во секој случај, Македонија и Македонците во модерната историја добиваат или губат кога се случуваат светски потреси, поделбата во Првата, настанувањето на социјалистичка Македонија во Втората светска војна, излегувањето од Југославија при колапсот на комунизмот. Сега се раѓа мултиполарен свет, да видиме дали нешто ќе направиме.
Има и други начини – Виенската конвенција за меѓународни договори, гласањето во Собранието под притисок, со корупција, ветени амбасадорски места, прекинати судски процеси…?
– Механизми има многу, но треба да се предвиди наредниот чекор. Која ќе биде американската, руската, кинеската, ЕУ реакција? Што со Грција, што ќе стори Атина? Во ова бурно време, што ако ја затворат границата? Изградивме пруга до Драч? Имаме железница до Бугарија? Ако не излеземе на трите мориња плус Медитеранот, четири, ако немаме свои ресурси во земјоделство, храна, ако немаме сигурни достави на енергенси, ние ќе колабираме под грчко ембарго.
И со договорот со Бугарија?
-Слично е моето мислење и за договорот со Бугарија. Или ако собереме моќ, ќе го поништиме или во разумен договор со Софија и Брисел ќе го модифицираме.
Што мислите дека во оваа ситуација Македонија треба да направи во односите со Русија, со Кина, со санкциите, со евроинтегративниот процес…?
-Во новиот мултиполарен свет земја која може да си дозволи мултивекторна политика е најсреќна. Турнати на маргините, во Европа во моментов има очајнички обид за факторизација. Ако не влегуваме во сојузот, мора под итно да влеземе во Евроска економска зона. Инаку, во однос на македонскиот пат кон членство ЕУ, главна вест од Минхенската безбедностна конференција не е излагањето на премиерот Христијан Мицкоски. Јавно искажаните поенти околу т.н. европски вредности, малцинските права, пресудите на Судот за човекови права, однесувањето на Софија кон нас, ни се добро познати и како забележуваме од неговите и од изјавите на министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, и на претседателката Гордана Сиљановска Давкова се пренесени до највисоките чиновници во Европската Унија и водечките земји на овој сојуз. Позицијата на Владата е дека бараме разбирање и гаранции за предвидливоста на процесот, работи за кои се залага(в)ме во минатиот период и во разговорите со Владата на САД. Она што остана незабележано во јавноста од контраверзниот безбедностен форум во Германија е коментарот на модераторот на панелот каде нашиот премиер учествуваше заедно со Еди Рама од Албанија. Д-р. Мајда Руге, виш истражувач (Senior Policy Fellow) на European Council on Foreign Relations кажа дека ѝ изгледа разумно бараните промени во македонскиот Устав да следат со приемот на земјата во ЕУ и ја праша за мислење Марта Кос, комесарката за проширување во Брисел. Кос одговори дека Бугарија и Македонија веќе зборуваат за ова прашање и дека ЕУ понудила помош ако е потребно да се олесни (или фасилитира како таа вели) процесот. Таа истакна дека не е добро за ЕУ и за проширувањето повторно да влијаат на проширувањето и дека главниот моментум, потстрек во корист на проширувањето била желбата на Украина, Грузија и Молдавија да станат членки. Кос кажа дека е време овој билатерален спор да се надмине, исто како и односите Белград- Приштина, Босна и Херцеговина да напредува. Најважна вест беше одговорот на Кос на прашањето која е реалистичната рамка за проширување на Западен Балкан и Украина. Нејзиниот одговор е дека две земји врз база на заслуги и мерит систем би можеле да го завршат процесот во 2026 или 2027 година, Црна Гора и Албанија, а дека веднаш штом почне да се тркала македонската приказна (once rolling во оригинал) ние би биле третата земја која би се приклучила на ЕУ. Во принцип ова значи дека одврзувањето на бугарскиот јазол, во оваа ЕУ, шокирана од американското ставање во ќош, би ни донело многу брзо членство. Можеме да се надеваме дека Владата и претседателката ќе успеат во нивните заложби. Ако блокадата од Софија не се реши со разговори, потребни се храбри потези од Владата, иницијативи и решителност. Времињата се бурни, работите во меѓународните односи се поместуваат со светлосна брзина. Доколку ни се наместени коцките, шансата треба да ја зграпчиме. Владата може и самоиницијативно да го повлече потегот со условни измени на Уставот, како и да донесе заклучок на владина седница дека ги отфрла деловите на протоколите, односно записниците од меѓувладините седници на бившите влади, кои се однесуваат за потреба за вметнување на темата на историја во преговарачкиот процес во рамките на дијалогот на двете комисии.
А.Д.