понеделник, 28 октомври 2024
Средба Бочварски-Ксифарас

Железницата е пред распад ама ќе отвораме железнички премин со Грција кон Лерин, кој постоел некогаш

Македонското Министерство за транспорт и врски (МТВ) и Министерството за инфраструктура и транспорт на Грција планираат да отворат заедничи железнички граничен премин, а по примерот на северната граница со Србија и поврзан систем за плаќање патарини,соопштија денеска од министерството по билатералната средба на министерот Благој Бочварски и државниот секретар Јоанис Ксифарас, кој ја предводи грчката делегација во име на своето министерство. За тие што не знаат, Битола и Лерин во времето на социјализмот имаа секој ден воз.

 

Објавено на

часот

Сподели

Во време кога Македонски железници ги живее најлошите години од своето постоење,потоната во долгови и пред колапс, министерот Бочварски ја потенцирал важноста на зголемување на соработката во делот на железничкиот сообраќај и поврзувањето на Битола со Месонисон, во Грција.

За потсетување на читателите на МКД:мк, во времето на социјализмот, постоеше редовна железничка врска меѓу БИтола и Лерин. Возот од Битола тргнуваше претпладне, правеше пауза на Кременица каде цариниците и полициските службеници од двете држави пиеја заедничко кафе, откако набрзина ќе си ја завршеа работата и потоа возот тргнуваше според возниот ред. Македонци купуваа фармерки, кафе, маслинки, маслиново масло и други работи во Лерин, ќе каснеа и гиро и салата, а Грците одеа во Битола да купат јужно овошје и адидас патики и друга спортска опрема кои тогаш ги произведуваше Словенија спорт.

Денес пак, министерот Бочварски и државниот секретар Ксифарас разговарале за отворање и на зелени коридори на граничните премини, како и можноста за интероперабилност на патарините.

„Разговаравме и разменивме искуства за процесите на олеснување и подобрување на транспортот помеѓу нашите земји, а дадовме и фокус на продлабочување на соработката, особено во делот на туризмот и патничкиот транспорт. Ја отворив темата за отворање на граничниот премин Маркова Нога, како и модернизација на останатите заеднички гранични премини. Северна Македонија работи активно за интеграција и членство во Европската Унија, а поддршката од нашите соседи е  и повеќе од добредојдена“, изјави министерот Бочварски.

Билатералната средба помеѓу министерот Бочварски и државниот секретар Ксифарас е во рамките на Министерскиот совет на Западен Балкан, кој овие два дена се одржува во Скопје.

Последните непријатности што ги доживеаја бизнисмените се случија пред еден месец кога  поради напукнатиот железнички мост на Црна Река кај Стоби, целосно во прекин беше железничкиот товарен сообраќај на релацијата Скопје – Гевгелија и обратно.

На крајот на октомври пак граѓаните го искажаа својот револт поради тоа што Македонски железници ги укина двата од три воза кои сообраќаа од Скопје преку Велес и Прилеп за Битола и обратно. 

Претходно, на почетокот на јули годинава, Македонски железници траснпорт укина десет железнички постојки-стојалишта долж пругите во земјава.

Штрајкот на вработените не е ништо ново, а Владата со купување акции во вредност од 15,6 милини евра се обиде да најде краткорочен спас за загубарот Железница. 

И покрај тоа што домашниот железнички сообраќај ни е пред колапс, властите решија дека ќе градат брза пруга кон Ниш.

Во последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија за 2022 година пишува дека „нема политичка заложба за неопходните железнички реформи“.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски во октомври годинава призна дека Македонски железници „ќе кубури со пари сѐ додека не се либерализира железничкиот сообраќај“

На почетокот на април годинава, Македонски железници  свечено одбележа 150-годишен јубилеј кога во 1873 година е пуштена македонската делница на трансбалканската линија Виена – Солун. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ