четврток, 24 октомври 2024

Зеленски: Русија треба да присуствува на идниот мировен самит; Москва со студен одговор

Кремљ внимателно реагираше на изјавите на украинскиот претседател, кој во понеделникот изрази отвореност за разговори со Москва за првпат од пролетта 2022 година, споменувајќи го присуството на Русија на идниот мировен самит.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во понеделникот, Володимир Зеленски изјави дека Москва треба да учествува на идниот самит, по мировната конференција за Украина организирана во средината на јуни во Швајцарија. На конференцијата тогаш присуствуваа десетици светски лидери, но Русија не беше поканета.

„Првиот мировен самит воопшто не беше мировен самит, така што очигледно прво треба да разбереме што мисли со тоа Зеленски“, изјави портпаролот на руското претседателство Дмитриј Песков во интервју за ТВ каналот Ѕвезда.

Зеленски претходно рече дека во ноември, месецот во кој се одржуваат претседателските избори во САД, сака да претстави „план за праведен мир“, по речиси две и пол години голем конфликт што резултираше со стотици илјади жртви.

Тој исто така рече дека сака „руски претставници“ да учествуваат на следниот самит за мир во Украина, чиј датум сè уште не е одреден. Речиси 20 отсто од територијата на Украина сè уште е под руска окупација, а изгледите за прекин на огнот се минимални.

Сепак, ова е првпат по неуспешните преговори во пролетта 2022 година и по рускиот напад на Украина на 24 февруари, Володимир Зеленски да изнесе идеја за разговори со Москва без претходно да побара руско повлекување од украинската територија.

Но, Зеленски не спомна прекин на непријателствата, туку воспоставување „план“ во три области. Тоа се енергетската безбедност на Украина, чија инфраструктура е уништена од руските бомбардирања, слободната пловидба во Црното Море, клучна за украинскиот извоз и размената на заробеници.

Во исто време, нема знаци за одлучувачки напредок од ниту една страна на линијата на фронтот.

Украина редовно ја повторува својата желба да го врати суверенитетот над сите окупирани територии, вклучувајќи го и полуостровот Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година. Кремљ досега отфрлаше какви било мировни преговори се додека Украина не ги напушти петте региони кои Москва сака да ги анектира и не се откаже од сојузот со Западот. Тоа де факто би значело капитулација.

Западот, кој го вооружува Киев, смета дека Украина треба да одлучи кога и под кои услови ќе ги започне преговорите со Русија. „Ако сакаат да ја поканат Русија на самитот, ние ќе ги поддржиме“, изјави во понеделникот портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер, истакнувајќи дека сепак Кремљ не покажува знаци на желба за дипломатско решение на конфликтот.

Исходот од претседателските избори во САД, главниот сојузник на Украина, може да одигра важна улога во понатамошниот развој на конфликтот.

Републиканецот Доналд Трамп, кој во минатото ја пофали политиката на Владимир Путин, вети дека ќе стави крај на војната во Украина во рок од неколку недели доколку биде избран, поради што некои стравуваат дека тоа ќе ја намали американската помош, односно поддршката што денес ѝ е потребна на Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ