Ракетите Томахавк можат да досегнат до 1.500 километри и ќе ѝ овозможат на Украина да изврши напади длабоко во Русија, доколку САД одобрат, што е клучен дел од т.н. „план за победа“ на Зеленски.
Сепак, Зеленски не е задоволен што информациите за барањето за ракетите Томахавк протекоа до Њујорк Тајмс, во напис каде анонимен висок американски функционер го опиша барањето на Украина како целосно неостварливо.
„И тоа беше доверлива информација меѓу Украина и Белата куќа. Како треба да ги разбереме овие пораки? Дали тоа значи дека нема ништо доверливо меѓу партнерите?“ рече Зеленски.
Во написот, Њујорк тајмс истакна дека високи американски функционери не веруваат дека украинското раководство обезбедило убедлив аргумент за тоа како ракетите со долг дострел би можеле да ја променат ситуацијата на бојното поле.
Списокот на цели што Украина им ги претстави на САД далеку го надминува бројот на ракети што американската војска може да му ги отстапи на Киев без да ги загрози можните потреби за Блискиот Исток и Азија, додаваат анонимни официјални лица.
Високи украински функционери, заедно со Зеленски, исто така биле збунети со негативниот приказ на протечените информации. „Знаеме дека планот е реален. Американската војска го проучуваше и рече дека е реален“, изјави за Политико украински функционер запознаен со ова прашање.