„Светот мора да реагира, засега нема силна реакција. Мораме да реагираме. Мораме да извршиме притисок. Мораме да ја турнеме Русија кон вистински мир, кој е можен само со сила“, порача Зеленски на социјалните мрежи.
Според него, лансирањето на балистичката ракета со среден дострел на Украина претставува „доказ дека Русија апсолутно не сака мир“.
„Тоа е јасно и сериозно зголемување на обемот и бруталноста на оваа војна“, смета Зеленски.
Рускиот претседател Владимир Путин го потврди испукувањето на хиперсоничниот проектил „орешник“, новото оружје за кое кажа дека е несопирливо. Ракетата не била опремена со нуклеарна боева глава.
Според Путин, нападот бил насочен на фабрика во која се чуваат западни компоненти за „украински“ проектили во градот Дњепар, во централна Украина.
Рускиот претседател лансирањето го претстави како одговор на двете неодамнешни бомбардирања на руската територија со западни ракети АТАКМС и „сторм шедоу“.
Зеленски оцени дека Украина има „целосно право“ да го употреби оружјето кое го добива од Западот против Русија.