среда, 23 октомври 2024

Здружението на судии ќе го тужи Уставниот суд во Стразбур

Отфрлањето на иницијативата за поништување на одредбите од Законот за плати на судии донесен на 29 февруари 2024 година, а почнува да се применува ретроактивно од 1 февруари 2024 година, е скандалозно, неприфатливо и всушност го урива правниот систем на државата, велат од Здружението на судии.

Објавено на

часот

Сподели

Оттаму посочуваат дека како Здружение на судии се разочарани од Уставниот суд кој „наместо да ја штити уставноста на законите, се занимава со популизам и носи одлуки кои се директно спротивни на Уставот, притоа создавајќи правна несигурност, со можни далекусежни последици по судскиот систем и правната држава“.

„Отфрлањето на иницијативата за поништување на одредбите од Законот за плати на судии, кој е донесен на 29 февруари 2024 година, а почнува да се применува ретроактивно од 1 февруари 2024 година, е скандалозно,  неприфатливо и всушност го урива правниот систем  на државата. Оваа одлука е исклучително опасна за правниот систем, бидејќи овозможува ретроактивна примена на законите, без исклучоци. Па во таа смисла во иднина би се овозможило бројни манипулации, но и злоупотреби при примена на законите кои ги регулираат правата и обврските на сите граѓани, а воедно би се создала правна несигурност во правораздавањето, што е спротивно на преземените меѓународни обврски на државата“, велат од Здружението на судии.

Според нив најзагрижувачко во одлуката на Уставниот суд е игнорирањето на недозволеното ретроактивно дејство во оспорениот закон.

„Имено, иако судот, неразбирливо ја цитира одредбата од член 52 од законот, не дава образложение како применетото ретроактивно дејствие со кое се намалува плата на одредена група граѓани е поповолно за граѓаните. Истакнуваме дека само зголемување на платите на одредена категорија граѓани може да биде исклучок за примена на ретроактивност при носење на законите бидејќи само тогаш тие се поповолни за граѓаните“, нагласуваат од Здружението на судии.

Во таа смисла, од Здружението на судии информираат дека ќе поднесеат нова иницијатива за оценка на уставноста на Законот за плати на судиите и тоа исклучиво по однос на ретроактивната примена на Законот за плати на судии, сметајќи дека не станува збор за веќе еднаш пресудена работа.

„Мора да се има предвид дека и во претходната иницијатива поднесена од Здружението, ретроактивноста беше истакната како проблем, но во својата одлука, Уставниот суд воопшто не се впуштил во одлучување по однос на неуставноста на Законот за плати на судиите поради неговото ретроактивно дејство“, се наведува во соопштението.

Здружението на судии бара од Уставниот суд кој, како што пишува во соопштението, не е дел од судската власт туку претставува државен орган, а нејзините членови кои се избрани од Собранието, да не се додворува на законодавната власт, да не носи незаконити одлуки и да не ја поткопува и девалвира судската власт.

Нивната надлежност, како што велат од Здружението на судии, е јасно утврдена во Уставот, па оттука треба да се држат до своите надлежности при одлучувањето, а не да носат одлуки кои се политички и популистички, со анализи и заклучоци кои се во надлежност пред се на Заводот за статистика „дека платите на конкретна категорија граѓани се доволно големи“.

„И судството во минатото беше незадоволно од бројните закони за амнестии и измени на Кривичниот законик, со кои се поткопуваше и девалвираше судското постапување, но и покрај тоа, имајќи ги предвид  надлежностите на судовите, а тоа е примена на законите, судиите безусловно ги применуваа таквите закони“, потенцираат од Здружението на судии.

Според нив, со оваа пракса, што Уставниот суд сака да ја воведе, постои дополнителна опасност бидејќи треба  да се има предвид дека платите на судиите во минатото биле неформален пример за зголемување или намалување на платите на судската служба која во изминатиот период трпи огромен одлив, заради ниските примања.

Па од таа причина, како што посочуваат од Здружението, може да се доведе во прашање и функционалноста на судството со оглед да судиите постапуваат во тимови со стручни соработници, записничари, службеници, доставувачи, а сега се отвора можност за законски измени кои можат да ги намалат и нивните плати.

„Како Здружение, сакаме да го поздравиме издвоеното мислење на еден од уставните судии кој ја посочи неможноста да се намали судиската плата со закон, односно ја истакна „меѓусебната контрадикторност на оспорените закони, Законот за плати на судиите, Законот за судовите и Законот за изменување на законот за плати на судии што е спротивно на уставните одредби за владеење на правото, а со тоа и на правната несигурност“, се наведува во соопштението.

Здружението на судии бара од Уставниот суд, како што велат оттаму, да постапува согласно неговите надлежности, а во спротивно, како што пишува во соопштението, Здружението ќе поведе постапка пред Европскиот суд за човекови права, „пред сѐ заради заштита на законитоста и правата и слободите на граѓаните“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ