сабота, 20 јули 2024
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Застој

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Полицијата во Апсурдистан едноставно не можеше да веќе да се справува со тоа. Демонстрациите беснееја со денови и покрај тоа што апсурдистанската полиција, една од најдемократските во светот, демократски ги убедуваше демонстраните да се тргнат од улиците со сите допуштени аргументи на слободарството: водени топови, созлавец, пендреци, гумени куршуми, шок-бомби… Ништо не помагаше. Ѓавол да ги земе – овие демонстранти како да беа имуни на дејството на сите овие неформални аргументи на правото и правната држава! Но како дојде до сето ова?
Сè почна кога се расипа производната лента во фабриката за души во Апсурдистан. Странска инвестиција. Најпрвин луѓето сами си произведуваа души, потоа тоа за нив го правеше црквата, па државата (што всушност е едно-исто) но демократската традиција заедно со онаа на слободните пазари – а демократијата е само слобода на пазарот и ништо друго – доведе до тоа производството на души да се окрупни и приватизира. А еволуцијата на производството значи и еволуција на луѓето, па така во црквата луѓето станаа верници, во државата поданици (што всушност е едно-исто), за најпосле во демократијата да станат слободни граѓани или само – граѓани. Настана слободниот пазар на души, берзата на души, бесцаринска трговија со души, производството ја надмина побарувачката, пазарот цветаше…
Како и да е, новонастанатава ситуација ненадејно предизвика голем застој во производството, кој веднаш се одрази на потрошувачката и целокупниот бизнис со души: покрај нови души, недостигаа и резервни делови за постојните, а овие најнови модели на души за широка потрошувачка се расипуваа побрзо и почесто и од паметните телефони…
Одеднаш, граѓаните на Апсурдистан почнаа да ги губат своите брендирани, ултра-модерни души. Без души, или со расипани, нефункционирачки души, не знаеја ни што да сакаат, а што да мразат, ни што е пожелно, а што не, ни што да бидат, а што не смеат да бидат – но она што беше најважно од сè во Апсурдистан, и што воедно беше главната функција на најновите, супер-модерни модели на души, т.н. „паметни души“ – Апсурдистанците веќе не знаеја што е демократско, а што тоталитарно. За еден Апсурдистан, горд на своите демократски и граѓански вредности, тоа беше разорен удар.
И така, еден ден граѓаните на Апсурдистан се разбудија без своите паметни души. Се разбудија како нешто што дотогаш им беше сосем непознато, ново, туѓо… Нешто недемократско, антиграѓанско… нешто источно или поточно западно-југоисточно… Граѓаните на Апсурдистан одеднаш се разбудија како… луѓе. Постарите од нив паметат дека многу одамна, во учебниците по историја учеле дека некогаш биле луѓе, но помладиве, кои учеа по новите и напредни, политички коректни образовни програми – не беа ни чуле за такво нешто! А и постариве, што оти учеле, кога – заборавиле! Но сега веќе беа луѓе, а не граѓани, а луѓето сами си произведуваа души.
Како и да е, граѓаните на Апсурдистан кои одеднаш се разбудија како луѓе не ни знаеја дека самите треба да си произведуваат души, а камо ли пак да ја знаат тајната на производството на своја, автентична душа… Да биде бељата уште поголема, веќе го немаше да го прашаат ни мудрецот зад седум планини, зашто веќе ги немаше ни планините, го немаше ни шаманот зад седум честари, зашто веќе немаше ни честари, ги немаше дури ни хипиците од парковите, зашто веќе немаше ни паркови. Имаше само недоглед згради, трговски центри, троа фабрики и – граѓани кои одеднаш се разбудија како луѓе и не знаеја што да прават со сето тоа и со самите себе среде сето тоа. Не знаеја што е сето тоа, зошто е сето тоа, каква корист од сето тоа и кој навистина има корист од тоа… „Глупаци, купувајте, потрошувајте, создавајте додатна вредност, движете ги запчаниците на профитот! Без профит нема слободен пазар, без слободен пазар нема демократија. Затоа плодете се и множете се, населете ја бетонската шир, тој Едем создаден за вас од светите демони на градежната индустрија, патувајте, реновирајте си ги бедните мали станчиња, наполнете ги трговските центри и потрошувајте, будали!“ – првите денови од кризата демократските теолози на Апурдистан, тие експерти и аналитичари предани на општото добро неуморно ја повторуваа оваа благоразумна и отрезнувачка порака на граѓаните на Апурдистан.
Но залудно. Зашто граѓаните на Апсурдистан веќе не беа граѓани, туку луѓе. А да се биде човек подолго време знае да биде опасна и незгодна работа. Особено за демократијата и за секој поредок воопшто. Така, празното место на менталниот џеб каде обично им беше сместена паметната душа на некогашните граѓани, кај новопробудените луѓе почна да го пополнува она човечкото, она што човека го прави човек – инстинктот. А тој им кажуваше дека нешто сериозно не е во ред, нешто вриеше, клотоше во нив и ги бодеше до состојба на нескротлив агон. Ги преплавија улиците, ги запоседнаа зградите, трговските центри, институциите – сите тие инсигнии на граѓанското, барајќи да биде заменето од човечкото. А кога високопарните аргументи на политиколозите и правниците – тие теолози на демократијата и поредокот – се покажаа јалови, настапија слободарските аргументи на полицијата. Во тој судир на аргументи, во тој конфликт, новоразбудените луѓе почнаа одново да ја учат дамна заборавената тајна на човештвото, најстарата тајна: учеа, макотрпно и бавно, како се прави своја сопствена душа. Ќе научат ли некогаш?
А тогаш, едно крваво и пеколно летно утро, ненадејно осамна веста дека производната лента на фабриката за производство на души во слободната економска зона „Дрндупџик“ е поправена и работи со удвоен капацитет и дека паметните души само за неколку часа ќе се најдат во сите молови, супер-, хипер- и уџуммаркети, а сервисите за поправка на паметни души ќе работат 24/7, сè со цел да се услужат граѓаните на Апурдистан. Експертите повикаа на мудрост и трезвеност. Луѓето беа повикани да се откажат од својата човечност и од своите души, кои не ги исполнуваа глобалните стандарди за квалитет, и повторно да станат граѓани. Беше изгласана и општа амнестија за сите луѓе кои доброволно ќе ги заменат своите души со паметни души. Покрај општата амнестија, беше објавено, новите паметни души одат со бесплатната апликација за општа амнезија. За надградбите, меѓутоа, се плаќаше. Премолчено.
Набргу сè си врати во нормала. Да се биде човек – се покажа како неподносливо.
Граѓанинот Шљупков, меѓутоа, немаше ниедна од овие грижи. Тој, едноставно, продолжи да си спие.

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Кaков систем за климатизација да се одбере?

Бојана Јовановска

До каде сме со (анти)родовите политики?

Рајко Пеколски

За дупките

Димитар Љоровски Вамваковски

Појавата на македонскиот протонационализам: Патот кон создавање на македонската национална посебност

Бранко Азески

Азески и Мицкоски со директна поддршка за компаниите

Јун Јанг-Кван

Што може да се очекува од новиот сојуз помеѓу Русија и...

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ