„Доколку ваквиот закон помине, одговорноста ќе биде на тие што го донеле и на тој што го предложил, особено поради тоа што ваквиот закон значи околу 2.500 денари помалку во џебот на вработените во јавниот сектор за кои се применува Законот за административни службеници што е недозволиво да се случи на крај на мандат, на неколку денови пред избори во Македонија“, велат од Сојузот на синдикати на Македонија и од Синдикатот на УПОЗ.
Оттаму бараат предлог-законот за административни службеници со кој се регулираат правата и интересите на дел од вработените во јавниот сектор, да ја помине целокупната законска процедура и да се овозможи преставник на ССМ да учествува во работата на собраниските комисии каде би се разгледале нивните забелешки и предлози.
И од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) бараат јавна дебата за ова предлог законско решение.
„Не треба да се занемари фактот дека реформите во администрацијата се едно од клучните барања и фундаментална област во Преговарачката рамка со Европската комисија. Новата законска рамка требаше да го подобри управувањето со човечките ресурси низ целата администрација и да помогне да се обезбедат кадри, унапредувања и отпуштања по заслуги на сите нивоа, вклучувајќи ги и високите раководни структури. Со оглед на важноста на овој закон, очекувано беше дека ќе биде донесен во една широка јавна дебата, со вклучување на сите фактори кои што се засегнати од истите, а посебно синдикалните организации коишто ги застапуваат правата на вработените во јавниот сектор“, велат од КСС.
Според КСС, не помалку битен е и фактот дека овие законски текстови не го поминале филтерот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) која требала да даде препораки за непотизам и политичко влијание во регрутирањето на вработените во јавниот сектор.
„Последниите измени на текстот не беа ставени ниту на ЕНЕР, па нашето прво запознавање со овој предлог закон е од веб страницата на Собранието“, посочуваат од КСС.
Предлог-законот за административни службеници, како дел од пакетот закони предлоежни од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), е на дневен ред на собраниската Комисија за европски прашања.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ преку прес-конференција побара итен прекин на расправата и донесување на заклучок за одржување на јавна расправа во најбрз можен рок, на која, како што посочија, би биле присутни пратеници од опозицијата, претставници од синдикатите, професори, стручната фела и јавноста.
Претходно, министерот за информатичко општество Азир Алиу на прес-конференција ги повика пратениците да ги разгледаат, како што рече, „уште утре сите дилеми во врска со пакетот закони предложен од МИОА, кои пред повеќе од еден месец се усвоени од Владата, а се заглавени во Собранието.
„Се работи за законите поврзани со јавната администрација, за дигитализација и за медиуми на кои МИОА работеше подолго време и кои се клучни и од суштинско значење за олеснување на животот на граѓаните. Тие се поврзани и со трите столба – администрација, дигитализација и медиуми од програма на ЕУ „Дигитална Европа“ со која летото нашата држава склучи договор“, рече Алиу.