„Очигледно дека секој од осомничените имал своја улога во овој грозоморен настан и дека тоа било направено со умисла. На девојчето му ги врзале рацете и нозете, па го ставиле во вреќа за спиење. Тоа не се наоѓа на улица, туку мора да го носите со себе со намера да сторите нешто. Така што за ова кривично дело имало умисла. За таткото кој е осомничен законодавецот е јасен, ако се докаже спрега помеѓу таткото и осомничените како директни извршители на кривичното дело, секако дека неговата судбина нема да биде поразлична од онаа на другите во оваа постапка“, вели адвокатот Туфегчиќ.
За тоа каква е постапката ако се утврди дека еден од обвинетите, односно Љупчо Палевски-Палчо кој е посочен како директен извршител на убиството на Вања се наоѓа во Турција, Туфегчиќ вели дека со оваа земја имаме меѓународна соработка.
„Тој наводно се наоѓа во Турција. Нашите органи на прогон треба да добијат потврда дека лицето се наоѓа на одредена земја и да биде распишана меѓународна потерница, па потоа да биде упатено барање на екстрадиција. Со Турција имаме договор за меѓународна соработка потпишан во Анкара во 1997 и имаме билатерален договор и не очекувам да има никакви процесни проблеми бидејќи и до сега во судската пракса не било спорно постапувањето помеѓу Македонија и Турција“, појаснува Туфегчиќ.
Тој апелира до сите кои се вклучени во оваа постапка да ги тргнат емоциите на страна и да се раководат само од законите.