сабота, 19 октомври 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Зa нашиот идентитет… го губиме ли?

Не можам да се изначудам. Не можам!

Зарем луѓето не сфаќаат дека најголем промотор и заштитник на идентитетот на една нација е креативната духовна енергија на секој нејзин поединец.

Само таа умее да го победи и премости времето, пренесувајќи го идентитетското духовно наследство од поколенијата што биле кон оние што се и оние што доаѓаат.

Нашиот идентитет е невидлив, недопирлив, несопирлив и неуништлив севселенски духовен извор, генетски код сокриен во вонвременските и бесконечни простори на нашите души, постојано извирајќи од нив преку нашите духовни рожби, нашите дела.

Нема сили, нема далечини, нема временски дистанци, нема години, децении, векови и милениуми што можат да ни го одземат, да нѐ обезличат.

Духовната енергија е бесконечна, немерлива и неуништлива категорија.

Еден единствен поединец, сам, може да прерасне во помоќен глобален заштитник и промотор на идентитетот на својот народ  од сите светски медиуми заедно.

Дозволете ми за момент да ве телепортирам во третиот век пред нашата ера, во времето на Александар Македонски, најголемиот светски војсководител на сите времиња.

Информациите за неговите блескави победи успеале да допрат и до најодалечените делови на планетата земја, но всушност  највеличествената од сите нив е победата над неговиот и наш најголем и најопасен непријател – времето.

Успеал за вечни времиња да го победи времето!

Кажете ми кој му помогнал во тоа?

Дали моќните светски медиуми CNN, BBC, AL JAZEERE или пак античките интернет портали?

Делата, луѓе мои, делата се единствените вистински промотори!

Нашиот идентитет се крие во нашите дела.

Света мисија на секого од нас е да го посее низ времето духовното семе на вечноста, за да изрти и процути во сите делови од планетата Земја, како симбол на нашето постоење и нашата Македонска мудрост.

Ние луѓето сме само безначајна трошка материја што лебди во просторот меѓу чеканот и наковалната на времето на која нашиот Создател ѝ дарувал живот. Блеснуваме и, дур да трепнеш, засекогаш исчезнуваме во прашината на заборавот.

Но, во секоја таква Божја креација со гордост наречена човек се крие духовната енергија на сиот универзум, мудроста на сите векови и милениуми.

Таа е вечна и неуништива.

Знаете ли како да стигнете  до неа?

Не седете со скрстени раце!

Нурнете се во длабочините на вашите души зашто таму се крие и вашиот идентитет. Таму ќе го најдете. Вие сте единствените негови носители и бранители, вие, со вашите акции и дела.

Вие и никој друг.

Замислете си дека сте единствениот Македонец во државата „Угурсузија”.

Ве прашувам којa партија и влада ќе го брани таму вашиот идентитет ако не вие самите? Таму, како и ваму, вие сте тој, избраниот и повиканиот.

Ако сте вистински борци за идентитетот не обвинувајте никого дека некој ви го одзема, распродава, дека ви го краде.

Не очекувајте некаква божја или светска сила, НАТО, ЕУ, некоја моќна светска држава, власт или партија да ви го одбрани.

Тоа нема да се случи!

Свртете го прстот и покажете кон себе, зашто вие, вие самите сте негови најверни и единствени бранители. Вие сте неговиот храм.

Сакани мои!

Лета времето. Ова што сега ви го кажувам веќе станува минато.

Не чекајте, не губете ниту миг…

Творете, создавајте, со вашите дела покажете им на сите кои сме, што сме од каде доаѓаме, колку знаеме и умееме и колку вредиме. Само така Светот ќе дознае дека постоиме.

Најдраг мој народе Македонски!

Од губење на македонскиот идентитет стравуваат само неспособните, некреативните, неинвентивните македончиња, оние кои се сомневаат во себе, кои не знаат и не умеат, па немајќи друга попаметна работа сеат паника и создаваат раздор меѓу народот повторувајќи, по којзнае кој пат, дека нас само Господ Бог може да нѐ спаси од заборавот.

Нека ве плашат колку сакаат, но не верувајте им. Воопшто не се во право.

Тие стравуваат за сопствената идентитетска иднина зашто се изгубиле себе си. Нѐ тераат повторно да водиме војна за одамна извојувана победа.

Дозволете ми да ви го кажам и ова: Мене воопшто не ме загрижуваат тенденциите за негирање на нашиот идентитет што доаѓаат однадвор, од соседството. Очекувани се и разбирливи. Со нив лесно ќе се справиме.

Опасноста доаѓа одвнатре, од нас самите. Вистинските загадувачи и загрозувачи на нашиот национален идентитет, верувале или не, се нашите политички партии.

Со своите себични, непромислени, алчни  и теснопартиски стратегии дејствуваат деструктивно и го разнебитуваат националното врзивно ткиво на македонскиот народ уривајќи ја нашата со векови создавана национална идентитетска кохезија.

Да се глорифицираат едните, а да се негираат и омаловажуваат другите, со единствена цел по секоја цена да се освои и задржи власта е навистина неразумна, многу плитка и краткорочна стратегија.

Националниот идентитет не се брани со раздор, тој се брани со обединување.

Еве ја и мојата конечна порака – драги мои македонски чеда, освестете се и обединете се!

                                                                                     

                                                                                                                                    Миодраг Врчаковски

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ