недела, 14 јули 2024
МКД.мк информира како и каде да пријавите семејно насилство

За многу жени шлаканицата од партнерот е нормална појава, а ќотекот во домот – приватна работа

Објавено на

часот

Сподели

Семејно насилство може да се пријави во полиција на 192, на единствениот број за итни случаи 112, на СОС-линиите и на телефонските броеви 02/15-315, 02/15-700, 070/141-700 како и на 075/141-700 и на 177/ 141-700. Може да пријавите и кај Тимот за семејно насилство при ЈУ Меѓу општински центар за социјална работа на град Скопје на телефонскиот број 071/238-004 секој работен ден од 8 до 16 часот, а по ова време, односно по 16 часот на жртвите на располагање им е Специјализираниот тим за итно постапување, кој може да го добиете на телефонскиот број 076/381-762 и 078/230-943.

За оние жени што се жртви или сведоци на семејно насилство, инструкции за тоа како да пријават има и на веб-страницата на Министерството за труд и социјална политика. https://www.mtsp.gov.mk/

Секоја жртва на семејно насилство во државава има право на бесплатна правна помош, треба да добие информации за своите права, како и заштита обезбедена од институциите, и ќе може да биде придружувана од институциите ако се чувствува несигурно.

На жртвата за семејно насилство мора да ѝ се обезбеди сместување ако таа има потреба од тоа, а тоа може да трае од 3 месеци до 1 година, треба да ѝ се обезбеди соодветна здравствена заштита, ѝ се обезбедува психосоцијална интервенција и помош, се упатува до советувалиште, ако во семејството има деца, тогаш се обезбедува нивно непречено школување, се известува органот на прогон, се дава секаков вид правна помош, се покренува постапка пред надлежниот суд, но се преземаат и други мерки за кои се смета дека се неопходни за жртвата да се заштити.

Медиумите играат важна улога во формирањето на општествените ставови и вредности и нудат огромен потенцијал да бидат инструмент за општествени промени.

Според истражувањето спроведено од Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, сè уште постои „широко присутно портретирање на жените во медиумите преку рамките на бракот и семејството“, со задржување на традиционалните улоги на жените и со нагласување на стереотипите.

Од друга страна, сеопфатната студија за благосостојбата на жените покажува дека во Македонија 60 % од жените сметаат дека насилството врз нив е вообичаено, а речиси три од десет сметаат дека тоа е многу честа појава.

Споредено со просекот во земјите на ЕУ, во Македонија жените сметаат дека семејното насилство е приватна работа, која треба да остане во семејството.

Ваквиот став, во комбинација со отсуството на знаење за постоечките специјализирани услуги за заштита на жртвите на семејното насилство, резултира со сериозни повреди на човековите права на жените.

Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство забранува објавување информации и податоци што вербално, невербално, или со друго постапување од сексуална природа има цел или последица да го повреди достоинството или да создаде заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика преку електронски средства за комуникација.

Дополнително, Законот за спречување и заштита од дискриминација го третира вознемирувањето, односно сексуалното вознемирување, како форма на дискриминација која е забранета во сите области, вклучувајќи го и јавното информирање и медиумите. Затоа медиумите треба да информираат, а не да осудуваат.

Во 2022 година вкупниот број на новоевидентираните жртви на семејно насилство изнесува изнесува 1.543 жртви.

Министерството за труд и социјална политика вели дека бројот на новоевидентираните жртви на семејно насилство е зголемен. Според нив, тоа се должи на зголемениот број кампањи и постојаниот наратив на охрабрување на жените за пријава на насилството.

Со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство се налага секое физичко лице кое што има сознание за постоење за родово-базирано насилство врз жените и семејното насилство е должен да пријави до: полициска станица, Центар за социјална работа, Јавно Обвинителство, Здружение, С.О.С. линија, а граѓаните имаат право и на анонимна пријава.

Од особена важност е подигањето на јавната свест за тоа дека семејното насилство не е приватна работа, туку е нешто за кое што треба да се зборува гласно. 

                                                                                                                       Катерина Додевска 

насилство

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ