Според информациите од кабинетот на шефот на државата, во манастирот Св. Прохор Пчински каде што се одржа првото заседание на АСНОМ, Пендаровски ќе биде пречекан од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по што двајцата претседатели ќе остварат билатерална средба.
Годинава претседателот на Владата на Македонија, Димитар Ковачевски ќе се обрати на свеченоста, која ќе почне со положување свежо цвеќе пред споменикот на Слободата – „Сила, слава и победа” на Тврдината Кале во Скопје.
Премиерот Ковачевски ќе ја предводи владината делегација во чиј состав се првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори Фатмир Битиќи и министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Владата одвоила 600 илјади евра за организација на настани по повод најголемите државни празници согласно договорот објавен на јавни набавки со продуцентската куќа Скопје Филм. Овие средства треба да бидат потрошени за органзиирање на државните празници во наредните шест месеци.