„Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје, до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, поднесе кривична пријава против С.Н. и М.Џ. поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела убиство и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали“, соопштија од МВР.
Како што информира МВР, по преземени мерки и активности во координација со јавен обвинител, утврдено е дека на 1 јули 2024 години во село Батинци, скопско, пријавените со автоматски пушки пукале кон возилото форд во кое биле А.Б.И. и З.И., двајцата од село Црн врв, при што на местото починал А.Б.И., а З.И. се здоби со повреди и бил пренесен на укажување лекарска помош во Ургентниот центар Скопје.
Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје, до Основното јавно обвинителство Скопје, исто така, поднесе кривична пријава и против В.И. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело убиство во обид.
„По преземени мерки било констатирано дека на 17 јули 2024 година на подрачјето на Општина Чаир во Скопје, тој со пиштол пукал кон Д.Б. и му нанел тешки телесни повреди“, велат од МВР
Исто така, СВР Скопје синоќа, од 18 до 2 часот, продолжи со преземање зајакнати мерки и активности за одржување поволна безбедносна состојба на територија на главниот град.
Спроведена била и сообраќајна контрола и биле санкционирани 28 возачи, а 15 возила биле подигнати со специјално возило „пајак“…
Исто така вчера, од 20 до 2 часот, на подрачјето на општина Аеродром се постапувало по планот „Безбедно лето 2024 година“.
При преземени мерки на повеќе локации констатирани биле 12 прекршоци од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а било приведено едно лице за констатиран прекршок по член 13 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.
„Засиленото полициско присуство продолжува и во наредните денови“, се вели во соопштението од МВР.