петок, 1 ноември 2024
Дојче веле

Вжештена атмосфера на северот на Косово: „Во моментов сме во фаза на многу опасен ќор-сокак во дијалогот“

Објавено на

часот

Сподели

„Во моментов сме во фаза на многу опасен ќор-сокак во дијалогот, што е огромен предизвик за безбедноста. Не само што не се зборува за спроведување на бриселските и на охридскиот договор, туку веќе две недели зборуваме за деескалација, а ниту тоа не е на повидок“, изјави за Дојче веле Висар Имери, директор на Институтот за социјална политика „Мусине Кокалари“.

Имерија е загрижен и што не гледа дека косовскиот премиер Аљбин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ покажуваат макар најмала волја за нормализирање на безбедносната ситуација за да се премине кон политички решенија.

Како до деескалација?

Европската Унија и САД деескалацијата ја гледаат во повлекување на специјалните единици на косовската полиција од општинските згради и прекин на протестите, а политичкото решение – во распишувањето нови избори, кои српските политички претставници не би ги бојкотирале.

Барањето на ЕУ за деескалација е едногласно, што е реткост во надворешната политика на блокот од 27 земји, потсетува Иан Банкрофт, поранешен дипломат и автор на книга за северот на Косово.

Меѓутоа, нема чекори кон деескалација, што доведе до воведување мерки на ЕУ и САД против Косово – страната на која е, според нив, првиот чекор: повлекување на полицијата од општините. Затоа САД го откажаа учеството на Косово во вежбата на НАТО, а ЕУ ги откажа состаноците за следење на спроведувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

„Јасно е дека Курти ја загуби поддршката од пријателите на Косово во меѓународната заедница, што е ситуација без преседан во последните 15 години откако Косово прогласи независност“, вели Банкрофт, но исто така истакнува дека и Белград е под притисок.

„Србија е под притисок да се откаже од условите за учество на изборите“, изјави Банкрофт за ДВ. Воедно потсетува дека изборите се само привремено решение и дека потоа треба да се решат проблемите во спроведувањето на сите досегашни договори.

Сѐ поголеми пукнатините во доминацијата на Српска листа

Барањето за безусловно учество на Србите на изборите дополнително се усложнува со апсењата извршени во Северна Митровица од страна на специјалните единици на косовската полиција, чие повлекување се бара. Потоа дојде до ерупција на граѓанско незадоволство од полицијата, но и од политичките претставници на Српска листа.

Граѓаните на Митровица, револтирани од акцијата на специјалците, со камења оштетија неколку полициски возила, физички ги нападнаа претставниците на Српска листа и скандираа против Вучиќ. Како и претходните недели, цел на напади беа и новинарите, врз кои од 26 мај се забележани повеќе од 20 напади.

Очигледните и сѐ поголеми пукнатини во доминацијата на Српска листа ги пополнуваат алтернативни политички актери, некои што биле успиени од 2013 година, но и некои нови. Меѓутоа, во вонредната состојба што владее во српските заедници на Косово, не може да се зборува за реален политички живот, предупредува Бранимир Стојановиќ, лидерот на Српското национално движење од Грачаница.

„На Србите во Косово им требаат политички промени, но прво ни треба стабилност за процесот да биде демократски, а избраните луѓе да имаат легитимитет да зборуваат од името на српскиот народ“, изјави Стојановиќ за ДВ.

Овој потег, сепак, сè уште не е на косовските Срби, смета Стојановиќ. Прво треба да се обезбеди стабилност на преговарачката маса во Брисел.

„Важно е што поскоро да видиме продолжување на дијалогот на највисоко ниво, што ќе резултира пред сѐ со смирување на ситуацијата, а потоа и со натамошни разговори на други теми“, вели Стојановиќ. Во исто време, тој додава дека политичкиот плурализам во српската заедница на Косово може да доведе до позначајна улога на косовските Срби во дијалогот, што досега не беше случај.

Банкрофт, сепак, не гледа дека улогата на косовските Срби во преговорите може да се зајакне: „Овој процес ќе продолжи да биде доминиран од оние што не мора да живеат со последиците од одлуките донесени во Брисел“.

Тој, исто така, вели дека за повеќето гласови што се појавуваат сега е карактеристично што се против интеграцијата на Србите во косовскиот систем, но додава: „Тешко е да се мобилизира незадоволството во опипливи политички опции ако немате доволно ресурси. Затоа, тие гласови, иако се добро прифатени на локално ниво, тешко ќе ја претворат уличната популарност во гласови. Клучниот аргумент, убедлив за многу српски гласачи, сè уште е дека поделбата на неколку политички опции само ќе го ослабне гласот на косовските Срби“.

Половичните договори не се одржливи

Последниве две години дијалогот беше фокусиран на регулирање на односите меѓу Косово и Србија, додека прашањата за интеграција на косовските Срби, кои претходно беа во основата на дијалогот – како регистрација на автомобили, верификација на дипломи, енергетика, но и формирање на ЗСО – се маргинални. Дури откако околу 3.000 косовски Срби поднесоа оставки од косовските институции во ноември, фокусот на посредниците во дијалогот се врати на ЗСО.

Висар Имери предупредува на неодржливоста на ваквите половични договори: „Безбедносната ситуација, сега повеќе од кога било досега, влијае на меѓуетничките односи и сите сме сведоци колку брзо може да се влоши. Ова треба да биде дополнителен поттик за Европската Унија да ја зголеми својата динамика и побрзо да доведе до договор. Нема појасен знак дека е потребен договор за сите заедници на Косово“, посочува Имери.

Еден ден по последното апсење во Северна Митровица, српската полиција приведе и тројца косовски граничари. Белград тврди дека тие биле уапсени на територијата на централна Србија, а Приштина – дека биле киднапирани од територијата на Косово.

Кфор, како единствена неутрална страна, два дена по настанот – тактички молчи. Во јавноста само соопштија дека „не биле на местото на апсењето“ и дека се во контакт со косовските и српските власти.

Како одговор на приведувањето на косовските полицајци, владата на Аљбин Курти забрани влез на камиони со српски регистарски таблички и српска стока во Косово.

„Граѓаните на северот се плашат од тоа кој и по која основа би можел да биде цел на следното апсење, особено по апсењето на косовските граничари. Нивното трпение повторно и повторно се тестира со едностраните потези на Приштина, а забраната за увоз на стоки од Србија само ќе го надополни списокот на нивните приговори“, вели Банкрофт.

Доколку промените не се направат брзо, ресурсите на Кфор ќе продолжат да се користат на терен и потребна е целосна координација на косовската полиција со Кфор и Еулекс. „А ниту едниот, ниту другиот не сакаат изненадувања“, заклучува Банкрофт.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ